Граѓани, живот, слобода
Ние, очигледно, од ден во ден, сѐ повеќе и во секој поглед, напредуваме на скалата на белосветската глупост, обезбедувајќи си примат што историјата долго ќе (ни) го памети. Не онаа „заедничката“, за којашто владините папагали и новите „демократи“ без предрасуди така упорно гракаа(т) подметнувајќи (ни) го и фашистот Михајлов во неа, а сега и овој Борис III, туку онаа идна, онаа што останува да ја (до)пишуваат некои поумни и покомпетентни од актуелниот властодржечки професорски „кадар“ и коекакви исторически комисии.
Ние, дефинитивно и во многу аспекти, сме на последниот крстопат на поновата историја. Не дека другите досегашни не беа важни, но овој е изгледа судбински: ќе веруваме во моќта на граѓанинот и неговото право да одлучува за својата судбина или ќе се препуштиме на немоќта, „судбината“ и калкулациите на актуелните македонски политиканти од денешен сој? Сето тоа, и многу повеќе, се одлучи завчера во Охрид. А епилогот? И него ќе го видиме, бргу!
Нам одамна ништо не ни значи што граѓанинот на Европа, и светот, отворено и бескомпромисно реагира на сѐ што е неправда, злосторство, кршење на човековите права… Додека „нашата“ Мираковска одглумува блуткава квазипатриотска драмолетка во Европскиот парламент, шведска пратеничка на истото место, во знак на солидарност со антивладините демонстрации во Иран предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини, си ја сече косата за време на говорот. Нејзиниот курдски извик „Жени, живот, слобода“, станува лозунг и за француските филмски диви Џулиет Бинош, Изабел Ипер и Марион Котијар, здружени со неа во истиот чин.
Има ли кај нас некој да воскликне: граѓани, живот, слобода? Нема.
Кај нас, во знак на протест против отворањето на „кралскиот“ фашистички клуб во Охрид, македонски (безимени) интелектуалци повикуваат тој срамен чин: „Целосно да се игнорира… Не вреди да се троши време и енергија за таква провокација… Треба да ги оставиме основачите сами да покажат преку кои историски личности и преку кои „европски вредности“ планираат да градат добрососедски односи со нас…“, пренесува Блажевска во Дојче Веле.
Со таквото наше игнорирање ќе видела „(…) цела Европа дали тоа е соодветен начин за градење мостови… Ако антифашизмот е вграден во темелите и на ЕУ, некој ќе треба да ја праша Софија, каква порака се испраќа со глорифицирање на личност која ја приклучи Бугарија кон тројниот пакт во Втората светска војна…“, мудрувале инкогнито некакви македонски историчари и општественици.
Не, драги мои, Европа нема тоа да го види. Европа ќе види само толпа страшливи парталковци, квазиинтелектуалци, безимени подлизурковци и апаратчици кои не сакаат да ја обеспокојуваат власта дури ни со своите изјави, не пак со дела. Токму затоа ние одамна не сме дел од светот, ние светот не го разбираме, тој нас уште помалку. Нашето идно формално членство во Европската унија нема ништо да промени – ние, вакви, суштински не можеме да ѝ припаѓаме на Европа. Предалеку сме од европскиот слободарски дух. И впрочем, зошто ѝ се на Европа вакви евнуси и импотентни молци?
Оние пак атестирани кербери на власта кои се наводно посмели па ги потпишуваат своите „анализи“ повторно ќе нѐ прогласуваат за недемократи, со проблематично и насилно поведение, нецивилизирани балканци кои не ги разбираат европските вредности. (Борис III и европски вредности?) Иако, всушност, и тие се само тезгароши, како и „претседателот“ на бугарскиот клуб во Охрид!
И во паузите ќе продолжат да нѐ замајуваат со Путин и Вучиќ само за да не ја видиме бедата на духот на нивните газди кои мислат дека нѐ водат. Каде?
Во посветла европска иднина? Па ние одамна научивме да дишеме со половина капацитет, да не мислиме и да не чувствуваме, да преживуваме од трошки…, за што ни е таа „иднина“? Или таа „школа“ моравме да ја поминеме само за нив да има повеќе? Веројатно.
Ние го гледаме светот од жабја перспектива, чудејќи му се на европскиот граѓанин на неговото самочувство, самопочит, борбеност и активизам за неговите права. Заборавивме што сето тоа значи. Не сакаме ни да го гледаме. А и зошто ни е?
Нашето провинциско предградие на светот збиено во еден милион и седумстотини илјади полуживи исплашени души одвај живурка во оваа матна жабокречина, не пак да мисли за Махса Амини, за Џулиет Бинош, за „Граѓани, живот, слобода“… За нас се тоа одамна преголеми, недофатливи зборови. Дури и неразбирливи.
Ние, очигледно, од ден во ден, сѐ повеќе и во секој поглед, напредуваме на скалата на белосветската глупост, обезбедувајќи си примат што историјата долго ќе (ни) го памети. Не онаа „заедничката“, за којашто владините папагали и новите „демократи“ без предрасуди така упорно гракаа(т) подметнувајќи (ни) го и фашистот Михајлов во неа, а сега и овој Борис III, туку онаа идна, онаа што останува да ја (до)пишуваат некои поумни и покомпетентни од актуелниот властодржечки професорски „кадар“ и коекакви исторически комисии.
А во таа идна историја неизоставно ќе бидат нотирани сите манифестации на македонската самоубиствена глупост – централни и странични, целата наша понизност и неукост, сиот наш молк за најважните, судбинските прашања. Таа некоја идна историја ќе нѐ потсети и дека „културните центри“ наречени со имињата на двата главни Хитлерови камаради на Балканите – еден среде Битола, вториот среде Охрид – имаше многу свои почетоци/претходници во изминативе пет години, на коишто ние, повторно заради нашата ноторна глупост и бедно подаништво, молчевме „како залиени“.
Следствено, и крајот се подготвува, ќе дојде бргу. Но и тогаш, како впрочем и во прологот и во средишниот дел, нештата во оваа современа драмолетка ќе поминат со неколку пцовки и колумни и со сведната глава, а малку подоцна и со громогласни аплаузи. Во Софија, но и во Скопје. Како впрочем и оние некогашните во Атина! Зошто ли на глупоста секогаш најгласно се аплаудира? И зошто ние молчиме кога другите аплаудираат? Дали во тоа е содржана суштината на македонскиот парадокс викан ЕУ интеграција?
И повторно, по којзнае кој пат, морам да се навратам на Хана Арент и нејзината мисла којашто како да е срочена токму за нас, денес и овде: „Никогаш нашата иднина не била толку непредвидлива, никогаш не сме зависеле толку многу од политичките сили на кои не може да им се довери да ги следат правилата на здравиот разум и личниот интерес – сили што наликуваат на вистинско лудило“!
Токму затоа и говорам за крајот што ќе дојде бргу и, судејќи според увертирите, нема да биде убав. Зашто, извинете но ние со ваквото однесување – и тука секако мислам на македонските актуелни политичари на кои „не може да им се довери да ги следат правилата на здравиот разум“ – реално и не можеме да стасаме далеку. Нашиот (евроинтегративен) пат како да е послан со минско поле за коешто ние немаме соодветна мапа со решение. Или – не сакаме да ја имаме? Бидејќи, ако никој не го бара решението, ако сите молчат дури и на вакви навреди и провокации од страна на здружената македонско-бугарска политика, тогаш што?
На крајот, се разбира дека никој не очекуваше и од „госпожа“ Мираковска да си ја сече косата во Европскиот парламент, на наместо надвор да продава евтина патетика и да пледира на некакво хипотетичко „разбирање и соработка“, можеше да ги праша европарламентарците како тие, како европски граѓани, гледаат на отворањето на најновиот клуб со името на првиот Хитлеров фашистички камарад од Бугарија викан Борис III, нели?
Извор: Теодосиевски уметност