ГРАЃАНИ НА ПРОТЕСТ ПОБАРАА ДИСЛОКАЦИЈА НА „ТИТАН УСЈЕ“ Најавија блокади на сообраќајот и после празниците

259

Граѓани на протест попладнево побараа дислокација на цементарницата „ТИТАН Усје“ надвор од Скопје. Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ која ги блокираше булеварот Борис Трајковски и булеварот Србија најави протести и блокади на сообраќајот и по празниците. Тие сметаат дека фабриката континуирано го труе градот.

– Не е изводливо да се премести Цементарницата „ТИТАН Усје“, но треба државата да биде поактивна во однос на контролите – рече Невена Георгиевска од „О2 иницијатива“ неодамна во интервју за Слободен печат.






Протестот го поддржа и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Во телевизиско гостување Герасимовски порача дека мора да има строги и континуирани контроли, не само таму, туку во сите фабрики.

Компанијата ТИТАН Усје денеска преку соопштение ги отфрли обвинувањата за загадувањето. Компанијата наведе дека на 18 ноември годинава во ноќните часови имало ненајавен инспекциски увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина и тогаш било констатирано дека сите вредности се во законски дозволените рамки.

„Во дел од зимските месеци, кога амбиенталниот воздух во градот е со најлош квалитет, компанијата ги врши редовните годишни ремонти на печките и тие се исклучени. Обратно, во летните месеци, кога печките работат со полн капацитет, амбиенталниот воздух во градот е со најмало загадување“, се наведува во реакцијата на ТИТАН Усје.

Компанијата потсетува и дека со еколошката дозвола која ја има од Министерството за животна средина и просторно планирање е обврзана да врши 24-часовен мониторинг на издувните гасови, согласно европските стандарди.

 

Поврзани содржини