ГОТОВО Е, ПОРФИРИЈ ЈА ОДОБРИ АВТОКЕФАЛНОСТА НА МПЦ Громогласен аплауз во Соборниот храм во Скопје (ВИДЕО)

А сега браќа и сестри, доаѓајќи носиме уште една вест. Светиот сабор на СПЦ едногласно излезе во пресерт на молбата на МПЦ-ОА, соборот на нашата црква ја одоброува, ја благословува и ја признава автокефалноста на ова црква, рече Порфириј по што следеше аплаузот.

6,327

Со громогласен аплауз и солзи радосници утринава во Соборниот храм во Скопје беше пречекана одлуката на Светиот синод на Српската православна црква да ја одобри, благослови и да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА. За ова извести српскиот патријарх Порфириј по причеста и долгата заедничка богослужба. Истовремено, стигна веста дека писмото за автокефалност е примено во Цариград и дека на 12 јуни, Духовден, кога е 50-тиот роденден на македонската црква, МПЦ-ОА ќе сослужува на заедничка литургија со Вселенската патријаршија во Фанар.

Еве како Порфириј ја обзнани веста за автокефалноста:






– А сега браќа и сестри, доаѓајќи носиме уште една вест. Светиот сабор на СПЦ едногласно излезе во пресерт на молбата на МПЦ-ОА, соборот на нашата црква ја одоброува, ја благословува и ја признава автокефалноста на ова црква – рече Порфириј по што следеше аплаузот.

– Во исто време, светиот сабор на нашата црква, достави должност на нашиот Синод во соработка со светиот синод на МПЦ-ОА да ги разработат техничките детали, а потоа ќе се следи и свеченото прогласување на свечениот акт. Потоа ќе бидат повикани сите други цркви да го прифатат автокефалниот статус на Македонската православна црква – додаде тој.

– Браќа и сестри, ние сме сигурни, дека сите останати помесни цркви со радост ќе ја дочекаат оваа вест и дека ќе се радуват дека ќе расте нашиот Господ, да расте црквата негова, пламенот на љубовта, ние не стануваме посиромашни, туку се разгорува пламенот, тој станува поголем и поширок. Во овој момент. Ве молиме и вас, вие да нѐ примите во вашите молитви. Нека е голем Господ. Амин.

Долгата литургија беше богата со старовизантиско црковно пеење. Еве како изгледаше настанот.

По Порфириј говореше македонскиот поглавар, г.г. Стефан.

– На членовите на светиот архиерејски собор, на членовите на СПЦ им благодариме од име на верниот македонски народ и од име на МПЦ-ОА. Во мене одѕвонуваат зборовите на премудриот Соломон, „целата си убава моја, ни дамка нема на тебе“. Обземен од торжествени чувства ги гледам убавините на црквата – започна Стефан.

– Не 38, туку 55 години седевме на тремот чекајќи. Потоа ни пристапи друг човек, нашиот собрат – рече Стефан, мислејќи на Порфириј. – Сега имаме кој да ни нацрпи од водата од кладенецот на Јаков. Сега целосно ги гледаме сите убавини на рајот, затоа што имаме со кого да ги споделиме. Не тагуваме како Адама, туку се радуваме како Апостолите.

– Црквата не e федерација од помесни цркви, туку секогаш била една во целиот свет. Нејзината цел е да го обедини човекот во себеси. Навистина, црквата се дели на географски целини, кои се совпаѓаат со политичките граници. Нашата 80-годишна заложба за самостојна црква никогаш нема за цел да нѐ оддели од телото Христово, туку да ни дозволи и ние како некогаш, подобни на другите православни народи, слободно да ја извршуваме нашата мисија – продолжува тој.

– Овој историски миг е исполнување на сонот на многу генерации – вели Стефан.

– Во Белград во храмот Свети Сава, а сега во Скопје, како гласно да се слушна воздишката на олеснување и на нашите предци и на нас. И таа радост на олеснување произлезе од мајката црква, Вселенската патријаршија и од сестринската српска црква, Пеќката патријаршија, тоа се случи токму во ова духовно лето.

– Кирил и Методиј по духот ни припаѓаат на сите – се осврна Стефан на денешниот празник, а потоа рече:

– Ни стигна уште една вест од Цариград. Примено е нашето благодарствено писмо, токму на родененот на црквата, годинава на Духовден, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската патријаршија во Цариград.

Претходно Порфириј зборуваше за својата радост што е во Македонија.

– Браќа архиереји, браќа и сестри, верен народу на оваа преубава благословена земја. Земја украсена со највисоките православни погодности, место на кое со векови се молеле солзи за спасување на човечкиот род. Да се радуваме денес бидејќи со нас се радува целата Црква. Се радуваат Небото и Земјата. Кога браќата се сакаат, кога го слават името Божјо, да се радуваме и ние кои по 55 години служевме света литургија најнапред во Белград, а сега и во Скопје, за само неколку денови. Големиот апостол Павле им зборуваше на Атињаните дека Бог го створил секој народ во човештвото и поставил однапред бремиња. Ги направил луѓето на Земјата да го бараат Господ, за да се докаже дека Бог не е далеку од нас, бидејќи ние во него живееме и се движиме, ние сме љубов божја и  ако сме живи во него сме живи. Можеме да бидеме биолошки живи, но длабоко во душата мртви – зборуваше српскиот патријарх.

 

Поврзани содржини