ГОТОВ Е ПРОЕКТОТ КОЈ ЌЕ ГИ ПОВРЗЕ КОРИДОРОТ 10 И КОРИДОРОТ СТРУМА ВО БУГАРИЈА Во Струмица се работи на 14 проекти
Ќе се гради експресен пат кој што ќе оди од Смоквица преку Валандово, Струмица, Ново Село и границата со Бугарија.
Завршен е проектот за една траса за експресниот пат кој ги поврзува Коридорот 10 и Коридорот Струма во Бугарија, односно делот од Смоквица преку Валандово, Струмица, Ново Село и границата со Бугарија, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој денеска беше во работна посета на општина Струмица каде што присуствуваше на Свечената седница на Општината по повод Денот на заштитниците на Струмица – Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици.
Министерот рече дека 14 инфраструктурни проекти се предвидени за општина Струмица со подршка на Владата, а најави и нови проекти за општината.
– Би сакал да го честитам овој голем празник Денот на градот Струмица, да посакам многу здравје, среќа, бериќет, успех. Би сакал да спомнам дека по завршување на локалните избори во интензивна соработка сме со градоначалникот и со новата општинска администрација, веќе бројни работи се придвижуваат. Најголемата, и она што го ветивме, е поврзување на Коридорот 10 со Коридорот Струма во соседна Бугарија, односно изградбата на експресниот пат кој што оди од Смоквица преку Валандово, Струмица, Ново Село и границата со Бугарија. Проектот за едната траса ЈПДП веќе го заврши, а за втората траса е во напредна фаза и сериозно работиме на изнаоѓање на финансирање – изјави Николоски.
Тој посочи дека се работи на две поголеми улици, има уште десет кои што се во постапка за избор на изведувач и уште два проекта коишто се преку Министерството за животна средина.
– Има 14 големи проекти за старт на оваа локална самоуправа што мислам дека е нешто што Струмица подолго време го нема и ќе продолжи поддршката од Владата, мојата лична поддршка и на премиерот да работиме на нови проекти во периодот кој што следи. Ние со градоначалникот сме во комуникација, ќе имаме посериозен работен состанок и ќе утврдиме приоритети за периодот што доаѓа – изјави Николоски.