Гостиварскиот театар со премиера на „Полковникот птица“ на Охридско лето
Ансамблот на Гостиварски театар ќе биде дел од 60-тото јубилејно издание на „Охридско лето“ каде премиерно ќе ја изведат претставата „Полковникот птица“ во која Елизабета Клинчаревска Младеновска е во главната женска улога (докторката), а главната машка улога, полковникот Фетисов, ја игра Ѓорѓи Нешкоски
На 26 август, со почеток во 22 часот, на сцената „Долни Сарај“ во рамки на годинешното јубилејно издание на најголемиот фестивал во Македонија „Охридско лето“, ансамблот на Гостиварски театар премиерно ќе ја изведе претставата „Полковникот птица“ од Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски.
Дејствието на „Полковникот птица“ е врзано со група на ментално болни луѓе, кои живеат во лудница. Таму по грешка стигнува хуманитарна помош, што пак нив ќе ги охрабри да се организираат и да одат во Стразбур да бараат правда и решение за својот проблем.
Во претставата играат: Ѓорѓи Нешкоски, во главната машка улога на Полковникот Фетисов, Елизабета Клинчаревска-Младеновска, во главната женска улога – Докторката, Марко Дојоски, Береда Решид, Марија Кондовска, Аријан Ејупи, Дритан Лазами, Кујтиме Ахмети, Ајше Усеини и Берат Махмути.
Поради ковид пандемијата годинава настаните на Охридско лето ќе се одржуваат под посебен протокол. Капацитетите ќе бидат исполнети само 50% со гледачи, а задолжително е носење маски и држење дистанца.