ГОСТИВАРЦИ ОДБИВААТ ДА ЗБОРУВААТ СО ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ Институтот за јавно здравје апелира граѓаните да соработуваат со лекарите

Резултатите од анализите ќе бидат доставени до барателот, Јавното обвинителство, за натамошно постапување во текот на утрешниот ден.

1,111

Процесот на масовно теренско анкетирање во Гостивар се соочува со сериозни пречки бидејќи одреден дел од граѓаните одбиваат да комуницираат со медицинските тимови. Раководителот на Одделот за епидемиологија во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), д-р Драган Кочински, упати итен апел до локалното население максимално да соработува со здравствените работници. Според неговите тврдења, досега се успешно завршени околу 60 анкети, но за прецизно лоцирање на изворот на заразата неопходни се релевантни податоци од секој засегнат граѓанин.

Од ИЈЗ додаваат дека покрај анкетите, граѓаните мора да соработуваат и при процесот на обезбедување мостри за лабораториски анализи, со цел да се добие комплетна слика за состојбата.






Во однос на проблемите со кои се соочуваат лекарите на терен, д-р Кочински апелираше:

– Апелирам до населението во Гостивар максимално да соработува со медицинските тимови кои ги контактираат за епидемиолошко анкетирање и да ги слушаат препораките на здравствените работници во однос на давањето мостри и примероци за микробиолошко испитување.

Тој отворено ја образложи состојбата со отпорот кај дел од јавноста при земањето податоци:

– Самиот број на направени анкети не е фактор за прогласување епидемија, туку битни се податоците кои се добиваат од нив. Досега се направени околу 60 анкети. Вчера Центарот за јавно здравје побара помош од ИЈЗ, па наши екипи излегоа во пресрет и денес веќе завршивме голем дел од работата. Сепак, морам да нагласам дека дел од граѓаните одбиваат комуникација со епидемиолозите. Апелирам да соработуваат, бидејќи само така ќе ги добиеме релевантните податоци за точна анализа на ситуацијата.

Во текот на денешниот ден ќе се донесе соодветна одлука за пријавување епидемија на заразна болест, рече тој.

Се забележува пораст на стапката на заболени лица, надминат е прагот на неделно ниво.

– Ние сме во комуникација со ЦЈЗ Тетово и во текот на денешниот ден ќе се донесе соодветна одлука за пријавување епидемија на заразна болест. Мерките за контрола и превенција цело време се спроведуваат од сите надлежни институции, а пријавување на епидемија би значело подобра комуникација и координација на сите чинители – истакна Кочински.

Институтот за јавно здравје е во постојана комуникација со сите надлежни институтции – ЦЈЗ Тетово/ПЕ Гостивар, Министерство за здравство, Јавното обвинителство, МВР, во врска со ситуацијата во Гостивар.

– По добивање на барање од страна на Јавното обвинителство, ИЈЗ веднаш излезе на терен на посочените локации и зеде примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи на вода. По враќањето на екипата, во раните утрински часови во петок, веднаш почна постапката за анализа на примероците – појасни тој.

Со цел анализите да бидат изработени стручно и навремено, стручни лица од Институтот и викендов биле на работа и ги анализираат примероците. Резултатите од анализите ќе бидат доставени до барателот, Јавното обвинителство, за натамошно постапување во текот на утрешниот ден.

– Одделот за епидемиологија е во постојана комуникација со надлежниот епидемиолог од ЦЈЗ Тетово/ПЕ Гостивар. Од страна на ИЈЗ беа дадени насоки за епидемилошко анкетирање, земање мостри за микробиолошка анализа на пациенти со тоа што ИЈЗ се стави на располагање на ЦЈЗ Тетово/ПЕ Гостивар како за анкети, така и за анализа на мострите – информираше тој.

Агенцијата за храна и ветеринарство на 17.07.2026 година издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека таа е загадена и небезбедна за употреба.

– Поради времената забрана за употреба на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар, на граѓаните им се препорачува да ги почитуваат предложените мерки до добивање на официјално известување дека водата повторно е безбедна за употреба. ИЈЗ во текот на вчерашниот ден даде препораки за населението за користење на водата и превенција на заболувања кои се пренесуваат преку вода. Во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните на Гостивар, Институтот за јавно здравје ги ангажира сите свои стручни и лабораториски капацитети и ќе продолжи интензивно да работи до целосно утврдување на причините и надминување на состојбата – рече тој.

Во петокот, од Обвинителството рекоа дека по наредба на јавен обвинител се преземаат дејствија по поднесена пријава во однос на квалитетот на водата за пиење.

Оттаму додадоа дека локацијата е обезбедена по наредба на јавен обвинител и дека се очекуваат резултатите.

– Основното јавно обвинителство Гостивар е во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде по наредба на јавен обвинител се вршат анализите и испитувањата на квалитетот на примероците од водата во гостиварскиот водовод. Според најавите, резултатите треба да бидат готови утре и да бидат доставени до надлежното обвинителство, по што ќе се донесе одлука за натамошниот тек на постапката, а јавноста ќе биде известена. Во меѓувреме, по наредба на јавен обвинител, локацијата во Вруток и натаму е обезбедена – информираа денеска од Обвинителството.

Поврзани содржини