ГОСТИВАР Е БЕЗ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ Механизацијата на „Бехтел и Енка“ ги оштетила главните водоводни цевки
Од ЈП „Комуналец“ велат дека рехниките екипи настојуваат што побрзо да го санираат дефектот и им препорачуваат на граѓаните да не ја пијат водата која сè уште ја има во системот.
Градежна механизација при изведување на ископ оштети две доводни цевки на водоводот кој го снабдува Гостивар и околните населби со вода за пиење, поради што градот и околината останаа без вода.
Од ЈП „Комуналец“ информираат дека станува збор за голем дефект и не можат да кажат кога ќе се нормализира водоснабдувањето. Првично, станува збор за оштетување на едната главна цевка, со дијаметар од 500 милиметри и уште една помошна цевка со дијаметар од 200 милиметри, кои носат вода од изворот на Вардар до корисниците.
„Како резултат на оштетување на главниот цевковод на водоводната мрежа во Гостивар, предизвикано од ископи, без претходно известување, од страна на механизацијата на Бехтел и Енка, изведувачот на автопатот Коридор 10, ќе има привремен прекин на водоснабдувањето на целата територија на градот Гостивар“, соопшти ЈП „Комуналец“.
Од ЈП „Комуналец“ препорачуваат водата која сè уште ја има во системот да не се користи за пиење, бидејќи нема потврда за нејзината безбедност.
Техничките екипи се на терен и работат на што побрза санација на оштетувањето, додава јавното претпријатие.