Господине Османи, ова е непристојно!

Ние Македонците не сме неписмени, за вие на табла да ни цртате што е што и така да нè убедувате дека немаме причини за загриженост.

24,356

Господине Бујар Османи, во Преговарачката рамка се зборува за „посветеност“ и за „видливи резултати“ во спроведувањето на билатералните договори, при што посебно се реферира на членот 12 од Договорот за добрососедство со Бугарија.

Нема никаква основа за вашето тврдење дека од „годишните прегледи“ на оствареното во врска со протоколите и членот 12, нема да зависат преговорите со ЕУ, бидејќи тоа не биле прашања од поглавјата.






Па и уставните промени, на кои инсистирате, не се во поглавјата, дури не се ни во Договорот за добрососедство, па тоа е условот што Софија и Брисел ви го поставија, а вие лекомислено го прифатите, за воопшто да почнете да преговарате.

Господине Османи, Преговарачката рамка е повеќе политички одошто правен документ. Условите што досега ви беа поставени и уцените на кои сте изложени немаат врска со добрососедството и со европските вредности, тоа се политички хирови на софиската влада која обезбеди поддршка за својата политика на уцени од скромниот европски лидершип и од сервилната влада во Скопје.

Жал ми е што вие ја сфаќате Преговарачката рамка како Библија или како Куран и ја доживувате како непроменлива и во камен исклесана. Тоа го покажува неискуството на оваа влада и ја потврдува нејзината опсесија со евентуален брз почеток на преговорите да оствари предност пред политичките противници пред претстојните избори.

Вие очигледно не сте ни свесни колку е погрешна таа проценка, но јас секако немам намера да ве разубедувам.

Во секој случај, немојте на јавноста да ѝ кажувате дека многубројните софиски уцени и обиди за негирање на македонскиот идентитет, кои произлегоа од активностите по склучувањето на Договорот за добрососедство и по потпишувањето на двата протокола (еден е со ваш потпис), нема да бидат тема на преговорите меѓу Скопје и Брисел.

Немојте, затоа што така ширите лажни вести и евтини спинови, а јас би сакал да верувам дека тоа не е вашата намера.

Немојте, затоа што овој однос ги навредува чувствата на македонскиот народ. И мене лично ме навредува. Ние Македонците не сме неписмени, за вие на табла да ни цртате што е што и така да нè убедувате дека немаме причини за загриженост.

Тоа е непристојно, господине Османи!

 

(Коментар на авторот на Фејсбук статус на министерот Бујар Османи)

Поврзани содржини
na