Гошев: Нашите политички актери комуницираат на ниво на Хутите и Тутсите
Водството на СДСМ ниту помислува јасно да соопши до каде може да оди во конкретниот случај - можеби, како во многу други случаи, до таму до каде што ‘спакуваното' може да му се сервира на гладниот народ. Историските ‘експертизи', секогаш во нова варијанта (во зависност од денот, местото и реакциите на јавноста, кои постојано ни ги соопштува лидерот на СДСМ), јасно зборуваат дека линијата секогаш може да се поместува понатаму и понатаму, вели Гошев за Дојче веле во контекст на решавање на проблемот со Бугарија.
Петар Гошев, една од клучните политички фигури на македонската демократска пролет во 90-те години и поранешен гувернер на НРБМ, вели дека можеби би било добро главните политички актери во Македонија да се договорат што да им соопштат на Бугарите, но не верува дека ќе се случи иницираната резолуција за црвените линии на Македонија.
– Нема да се случи зашто истиве актери безброј пати покажале дека нивната комуникација е на рамништето на Хутите и Тутсите. Не знаат што е ‘нормален политички процес’, а не знаат затоа што повеќето од нив се во ‘претполитичко бунило’ и заслепени од најпримитивна алчност. Кога се среќаваат на по некоја т.н. лидерска средба и потоа даваат изјави, тешко некој да може да сфати за што разговарале, што се договориле и зошто воопшто се сретнале. Не можат да се согласат ни кое годишно доба е во моментот, а не, пак, за некое друго прашање – вели Гошев за Дојче веле.
Тој смета дека има две поконкретни причини поради кои нема да се случи манифестација на консензус преку спомнатата резолуција.
– Прво, водството на СДСМ ниту помислува јасно да соопши до каде може да оди во конкретниот случај – можеби, како во многу други случаи, до таму до каде што ‘спакуваното’ може да му се сервира на гладниот народ. Историските ‘експертизи’, секогаш во нова варијанта (во зависност од денот, местото и реакциите на јавноста, кои постојано ни ги соопштува лидерот на СДСМ), јасно зборуваат дека линијата секогаш може да се поместува понатаму и понатаму. Веројатно од тие причини лидерот на СДСМ именуваше дискредитирани личности за посредување во спорот со Бугарија, отстранувајќи го и маргинализирајќи го претходниот министер за надворешни работи, кој стекна важно искуство со водењето на тешките преговори со Грција и со учеството во подготвувањето на Договорот со Бугарија, кој и инаку е покомпетентен за таа работа од кој било друг во Владата. Дискредитирани луѓе, алчни за сé, па и за рехабилитација, полесно се држат под узда, се виткаат како пластелин, тргуваат како џамбази на Бит-пазар. И уште поважно: црвена линија не можат да постават оние кои не веруваат во самоодржливоста на својата држава, патем напорно придонесувајќи тоа и да го докажат – вели Гошев.
Покрај критиките за СДСМ, Гошев не штеди критики и за ВМРО-ДПМНЕ и наведува дека партиското водство, како и сите досегашни, не е созреано за елементарно искрено договарање, уште помалку за такви чувствителни прашања кои се третираат како најголем плен за лично и партиско политичко профитерство.
– Нужната дискреција и незлоупотребувањето на споделени информации за текот на одвивањето на такви процеси, ги држи само до првото пречекорување на прагот во салата каде што (би) биле информирани. Се разбира, тие тоа истото, не без основа, го мислат за политичкиот противник. Мантрата на оваа партија, од основањето во 1990 до денес, останува иста. Тие се патриоти, ја сакаат Македонија, сите други се предавници или сомнителни, во најблагата варијанта. А кога се на власт, ја ограбуваат земјата како да е најтуѓинска. Чинот на ограбувањето, нели, не е спротивен на националните и државните интереси – реторички прашува Гошев.
Негова оценка е дека и оваа иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ е од видот на спомнатите мотиви: „ајде да ги извадиме на чистина, да кажат конечно за што се, и да се види кој е предавник, а кој патриот”.
– Оние што искрено сакаат да се оствари консензус за некое национално прашање, не постапуваат така. Иницијативата ќе ја покренат на поинаков начин – со претходен разговор со страната со која мора да се договараат. За жал, ние се уште немаме такви две, или повеќе страни. Затоа и оваа иницијатива е само магла, губење време, додека во исто време бројни прашања земјата ја руинираат однатре. Затоа и оваа иницијатива е да си помине денот, да нé има во јавност, да не нé заборават – оценува Гошев.