ГОРИВАТА ПОСКАПЕА ЗА 80 ОТСТО, МЛЕКОТО ЗА 50, БРАШНОТО ДУПЛО… Опозицијата обвинува дека при удвоени трошоци, просечната плата е „вештачки“ покачена
Платите изгубија вредноста која што ја имале претходно и тоа благодарение на СДСМ. Така да, да не ги замајуваат граѓаните, да не ја лажат јавноста, бидејќи никој повеќе не им верува затоа што знаат самите граѓани колку им вреди нивната плата кога ќе влезат да пазаруваат во маркет, истакна Арсовски.
Основните трошоци за живот се двојно зголемени, односно од 30 до 100 проценти, а Македонија во моментот има двоцифрена инфлација. Вака ја коментираше изјавата на премиерот дека исполнето е ветувањето за 500 евра просечна плата портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски. Според Арсовски, покачувањето на просечната плата е вештачко.
Еве ја неговата изјава:
– Ако Ковачевски вели, малку кој верувал дека ќе има 500 евра просечна плата, јас велам дека сето тоа повторно е вештачко. Мораме да потенцираме дека малку кој веруваше во Република Македонија дека СДСМ ќе ја донесе државата на ова дереџе и дека ќе имаме двоцифрена инфлација, која што е една од највисоките во регионот. Малку кој веруваше дека за една година цените на основните животни потреби на граѓаните ќе се зголемат од 30 до 100 проценти – вели Арсовски и додава:
– Цената на струјата ја покачуваат за 30 проценти, цената на горивата за 80 отсто, цените на лебот и брашното за 100 отсто, цената за шеќерот 40 отсто. Млекото е покачено за 50 отсто, маслото за јадење 100 проценти поскапо и така натаму. Ете го одговорот на Ковачевски. Да прекине да ги лаже граѓаните. Стандардот на граѓаните е уништен и тоа го гледаат тие самите секојдневно. Стандардот на граѓаните е уништен, економијата е разрушена. Платите изгубија вредноста која што ја имале претходно и тоа благодарение на СДСМ. Така да, да не ги замајуваат граѓаните, да не ја лажат јавноста, бидејќи никој повеќе не им верува затоа што знаат самите граѓани колку им вреди нивната плата кога ќе влезат да пазаруваат во маркет – истакна Арсовски.
Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, додека македонските граѓани сѐ повеќе осиромашуваат, Владата на Ковачевски продолжува да се луксузира и да троши народни пари за кафиња, апетисани, скапи меса не грижејќи се воопшто за состојбата на граѓаните.
– Од друга страна, истата таа Влада на Ковачевски се луксузира, троши едно брдо пари на граѓаните на непродуктивни трошоци, троши пари на кафиња во владата, троши пари на апетисани, на скапи меса и така натака. Но, најважно е нив да им е удобно и луксузно, за граѓаните воопшто не им е грижа како им е и што им се случува. Ете тоа е вистинскиот одговор на Ковачевски. Криминалот, неодговорноста, неспособноста и крадењето на оваа Влада на СДСМ и ДУИ народот скапо ја плаќа – порача Арсовски.