ГОРИ ВО КУМАНОВСКИОТ И ВО ПРИЛЕПСКИОТ РЕГИОН Се очекува француска и црногорска помош за пожарите
Во Македонски Брод активни се пожарите кај селата Девич и Слатина. Гори и во Пехчево – Берово, кај местото Бајаз Тепе. Пожарот во Сарај, кај селата Раовиќ и Буковиќ е уште активен и вчера во повеќе наврати дејствуваше авионот на романското воено воздухопловство. Активен е и пожарот во Петровец, село Дивље кај м.в. Крушје, но и оној во Прилеп, Топлица кон селото Крстец.
Продолжуваат напорите за гаснење на пожарите, кои сѐ уште се активни на повеќе места во државата. Критично е во кумановскиот и прилепскиот регион, но и во селото Побожје, каде вчера беа запалени три куќи. На терен заедно со нашите, интервенираат и екипите од Австрија, Словенија, Бугарија и Романија, а за денеска најавена е и помошта од Црна Гора и Франција.
Од Министерството за одбрана информираат дека Црна Гора ќе испрати хеликоптер Бел 412, но и екипаж од четири лица, како помош при справување со пожарите, откако Советот за одбрана и безбедност на Црна Гора донесе одлука да го одобри ова барање на министерката за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац.
И Франција денеска ќе се приклучи во напорите за гаснење на пожарите. На располагање ќе имаме тројца генерали од пожарникарската служба на Франција, кои се едни од најдобрите експерти за високо ризични пожари.
Помошта од Франција ќе биде надополнета и со високо софистицирана опрема сочинета од дронови со француски пилоти/оператори, кои многу ќе помогнат во делот на идентификување, мапирање и рано информирање на подрачјата потенцијални жаришта на пожари, како важен дел од севкупната операција за сузбивање на пожарите.
Ангажирани се вкупно 1.614 припадници на Армијата на вкупно 12 локации на цела територија на државата, претежно на непристапен терен зафатен со пожар.
Помош при гаснење на пожарите, освен пожарникарите и претставниците на Армијата, даваат и екипите од Австрија, Словенија, Бугарија и Романија.
Според информациите на командантот на Воздухопловниот ВИНГ, полковник Стојко Пејовски заклучно со вчерашниот ден реализирани се огромен број летови, како на домашните, така и на странските хеликоптери и авиони вклучени во гаснењето на пожарите, при што се исфрлени 850 тони вода.
Пожарите не стивнуваат веќе десетти ден по ред, и тоа на повеќе места во државата.
Вчера беа запалени три куќи кај селото Побожје, поточно во Чучер Сандево во Скопје, каде гореше во текот на целиот ден, но подоцна беше локализиран.
Уште се активни пожарите во кумановскиот регион, во Агино Село, но и во прилепскиот регион, кај селото Средорек.
Во Македонски Брод активни се пожарите кај селата Девич и Слатина. Гори и во Пехчево – Берово, кај местото Бајаз Тепе.
Пожарот во Сарај, кај селата Раовиќ и Буковиќ е уште активен и вчера во повеќе наврати дејствуваше авионот на романското воено воздухопловство.
Активен е и пожарот во Петровец, село Дивље кај м.в. Крушје, но и оној во Прилеп, Топлица кон селото Крстец.
Инаку, по неколкудневна борба со огнената стихија над селото Будинарци, вчера попладне пожарот беше совладан. Со тоа, целосно е изгаснат големиот шумски пожар кај реонот на општините Пехчево, Делчево и Берово.