ГОРИ ВАРДАРИШТЕ, ПОЛОВИНА СКОПЈЕ ОСТАНА БЕЗ СТРУЈА Без електрична енергија се 47.000 граѓани, 20 пожарникари се борат со огнот
Без струја се жителите на Аеродром, Ново Лисиче, но и Маџари, Хиподром, Стајковци, Инџиково и Јурумлери. Напонот ќе биде повторно воспоставен веднаш по известување од Противпожарната бригада дека теренот е безбеден и дека пожарот е целосно изгаснат.
Голем пожар денеска избувна во кругот на поранешната депонија Вардариште, поради што илјадници граѓани од Скопје останаа без електрична енергија, а густ чад со непријатна миризба се прошири кон неколку населби во источниот и југоисточниот дел од градот.
Од Центарот за управување со кризи – Скопје (РЦУК), информираат дека од околу 12:00 часот, екипи на Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) гасат запалена сува трева и отпаден материјал на поголема неутврдена површина во кругот на депонијата Вардариште. Во гаснењето моментално учествуваат седум противпожарни возила и најмалку дваесет пожарникари.
„Поради опасноста од зафаќање на трафостаници и електрични водови, струјата е превентивно исклучена, а поголемиот дел од Општина Аеродром е без електрична енергија“, соопштуваат од РЦУК.
Од Електродистрибуција информираа дека по барање на Противпожарната бригада, нивни екипи веднаш интервенирале на терен и ги исклучиле од напон трафостаниците „Скопје 4 – Аеродром” и „Скопје 4 – Исток”.
„Во моментов 47.000 корисници се без снабдување со електрична енергија“, соопштуваат од компанијата.
Без струја се жителите на Аеродром, Ново Лисиче, но и Маџари, Хиподром, Стајковци, Инџиково и Јурумлери. Напонот ќе биде повторно воспоставен веднаш по известување од Противпожарната бригада дека теренот е безбеден и дека пожарот е целосно изгаснат.
Во меѓувреме, жителите од околните населби пријавуваат силна и непријатна миризба од чадот, кој веќе влегува во домовите. Дел од граѓаните се пожалија и на отежнато дишење, особено повозрасни лица и деца.
– Не можеме ни прозорец да отвориме, чадот влезе во становите – реагираат жители од Ново Лисиче на социјалните мрежи.
Сите надлежни служби се ангажирани на терен, а граѓаните се повикуваат на трпение и претпазливост додека не се санира ситуацијата.