🎥 ГОРИ НАЈГОЛЕМИОТ ИНДУСТРИСКИ КОМПЛЕКС ВО САУДИСКА АРАБИЈА Иран го нападна Ал Џубаил, Ријад тврди дека штетата е од соборени проектили

Министерството за одбрана на Саудиска Арабија објави дека воздушната одбрана пресретнала 7 балистички ракети насочени кон источниот регион на земјата и дека остатоците паднале во близина на енергетските капацитети.

311

Иран рано утрово со ракети и беспилотни летала ја нападна Саудиска Арабија, предизвикувајќи огромен пожар во Ал Џубаил, најголемиот индустриски комплекс во земјата.

Ал Џубаил е град каде што се наоѓаат клучни петрохемиски и енергетски капацитети. Зафаќа повеќе од 1.000 квадратни километри и е дом на повеќе од 150 индустриски постројки кои генерираат помеѓу 7 и 12 проценти од БДП на Саудиска Арабија.






Снимките од местото на настанот покажуваат силна експлозија и голем пожар.

Министерството за одбрана на Саудиска Арабија објави дека воздушната одбрана пресретнала 7 балистички ракети насочени кон источниот регион на земјата и дека остатоците паднале во близина на енергетските капацитети, како и дека проценката на штетата е во тек.

Нападот се случува во време на ескалација на конфликтот во Персискиот Залив, при зголемени тензии меѓу Иран и САД, по заканата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ја нападне енергетската инфраструктурата на Иран. Трамп се закани дека ќе ги бомбардира сите мостови и електрани во Иран ако Техеран не ја отстапи контролата врз Ормускиот Теснец. Рокот што тој му го постави на Иран истекува ноќеска во 2 часот по македонско време.

Иран ги осуди заканите од САД и ги повика младите луѓе, особено спортистите, уметниците и студентите, да се соберат околу електраните и да формираат симболичен „човечки синџир“ во знак на протест.

Иран, исто така, предупреди дека може да ја нападне енергетската инфраструктура во други земји како одмазда. Во текот на викендот, Техеран ги таргетираше петрохемиските објекти во Кувајт, Бахреин и во Обединетите Арапски Емирати.

Поврзани содржини