ГОРИ НАЈГОЛЕМАТА РАФИНЕРИЈА ВО КУВАЈТ И ФАБРИКА ЗА ГАС ВО ЕМИРАТИТЕ Иран нападна повеќе енергетски објекти во регионот

По нападот на рафинеријата во пристаништето Мина ал-Ахмади, Обединетото Кралство одлучи да го испрати противвоздушниот систем „Рапид Сентри“ во Кувајт.

315

Иран денеска нападна повеќе енергетски објекти во регионот на Блискиот Исток.

Пожар избувна во големата гасна фабрика во Обединетите Арапски Емирати, Хабшан, откако остатоци од пресретната ракета паднаа врз комплексот, соопшти канцеларијата за медиуми на Абу Даби.






Тоа е еден од клучните гасни капацитети во земјата, важен за преработка на гас и за снабдување со енергија.

„Операциите за производство се суспендирани додека властите реагираат на пожарот. Нема пријавени повредени“, се вели во објавата на Икс.

Кувајт објави дека дел од постројката за производство на електрична енергија и за десалинизација на вода е оштетен во ирански напад. Властите велат дека службите работат според плановите за итни случаи, за да ја одржат постројката во функција и да го обезбедат објектот.

Кувајтската државна нафтена компанија објави дека и рафинеријата Мина ал-Ахмади е погодена напад со беспилотно летало рано утрово.

Државната новинска агенција наведува дека нападите предизвикале пожари. Ова е трет напад на оваа рафинерија во последниве две недели. Се работи за една од најголемите рафинерии на Блискиот Исток, која е од критична важност за домашниот пазар во Кувајт.

По нападот на рафинеријата во пристаништето Мина ал-Ахмади, Обединетото Кралство одлучи да го испрати противвоздушниот систем „Рапид Сентри“ во Кувајт.

Одлуката за распоредување на системот е донесена по разговорите меѓу британскиот премиер Кир Стармер и кувајтскиот емир шеик Мишал ал-Ахмад ал-Сабах.

– Премиерот го осуди неодговорниот напад со беспилотни летала врз кувајтската рафинерија за нафта во текот на ноќта – изјави портпаролот Стармер.

Тој додаде дека Обединетото Кралство стои зад Кувајт и неговите сојузници во Заливот.

Министерството за одбрана на Саудиска Арабија, пак, објави дека пресретнало и уништило 6 дронови во последните неколку часа.

Портпаролот на министерството изјави дека дроновите биле соборени преку ноќ, но не кажа кој стои зад нападот.

Иран денеска се закани дека ќе ги нападне компаниите за енергетска инфраструктура и телекомуникациите во регионот кои имаат американски акционери доколку САД продолжат да се закануваат дека ќе ги нападнат електраните на Иран.

Иранските воени претставници претходно предупредија дека големите технолошки компании на Блискиот Исток исто така би можеле да станат цели на напади.

Поврзани содржини