ГОРИ КАЈ СЕЛО ВИНЧЕ И НА КОЖУФ Под контрола два пожари, 27 се изгаснати, информира ЦУК

Ниска вегетација и шуми се зафатени од пламенот низ државата.

747

На територијата на Македонија во последното деноноќие се регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи. До 07:00 часот, два пожара сè уште се активни, два се под контрола, додека 27 се целосно изгаснати.

Иако најголемиот дел од огнените стихии се локализирани, состојбата и понатаму е сериозна, бидејќи активните пожари се прошириле на шуми и носат ризик од ново разгорување.






Едниот активен пожар е на територијата на Општина Гази Баба, во атарот на селото Виниче, каде гори нискостеблеста шума во месноста Муратница. Другиот пожар е на Кожуф планина кај селото Петрово во Општина Гевгелија, каде огнот зафатил букова шума и се движи кон поширок предел, што ја отежнува интервенцијата.

Под контрола се два пожара: еден на депонијата Дрисла во Општина Студеничани, каде што горело ѓубре, и друг на депонијата Острец во Делчево, каде беше запален отпад. Интервентните екипи успеале да спречат нивно ширење, но местата сè уште се под надзор.

ЦУК потврдува дека 27 пожари се целосно изгаснати. Тие се регистрирани низ повеќе општини – од Скопје и околината, па сè до истокот и западот на државата. Граѓаните пријавувале пожари во Зелениково, Шуто Оризари, Бутел, Арачиново, Илинден, но и во Битола, Крушево, Струмица, Богданци, Струга, Кичево, Берово и други места. Се гореле најчесто ниска вегетација, стрништа, грмушки, како и депонии и отпад, а на неколку локации пожарите зафатиле борови насади и куќи.

Се апелира на внимателност кај граѓаните и почитување на мерките за заштита од пожари, особено поради високите температури и сувото време кое дополнително го зголемува ризикот од нови жаришта.

Поврзани содржини