📷 ГОРИ ФАБРИКАТА „ВИНЧИНИ“ ВО ВИНИЦА Гасат пожарникарите од Виница и од Кочани, итно доаѓа помош од другите градови
Голем пожар изби во фабриката „Макпрогрес“, позната по брендот „Винчини“. Во моментов со огнот е зафатен еден погон, а локалните винички пожарникари со подршка на пожарникари од Кочани се обидуваат да го спречат ширењето на огнот, вели директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Голем пожар избувна попладнево во фабриката за кандирани производи и вафли „Винчини“ во Виница, пожарникарите се борат да го совладаат.
– Денеска во 18.40 часот, во Центарот за управување со кризи преку бројот Е-112 е добиена пријава за пожар во фабриката за кандирани производи и вафли „Винчини“ во Виница. Пожарот избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката. На терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари – информира директорот на ЦУК, Мухамед Али.
До градоначалникот на Виница е дадена насока да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини, додава директорот на ЦУК.
– Веќе се вклучени ТППЕ Кочани и ДПД Кочани со сите свои капацитети и ресурси, а поддршка е побарана и од Општина Македонска Каменица и од Општина Штип. Доколку биде потребно, ќе се ангажираат сили и од други општини. Со оглед на тоа дека станува збор за специфичен урбан пожар, неопходно е ангажирање исклучиво на професионални пожарникари – вели Али.
За пожарот информираше и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
– Голем пожар изби во фабриката „Макпрогрес“, позната по брендот „Винчини“. Во моментов со огнот е зафатен еден погон, а локалните винички пожарникари со подршка на пожарникари од Кочани се обидуваат да го спречат ширењето на огнот кон останатите погони. На помош тргнаа пожарникари од Свети Николе, Струмица и од Пробиштип – соопшти Ангелов.
