ГОРИ БУКОВА, ДАБОВА И МЕШАНА ШУМА Изгаснати 23 пожари, но Кожуф, Добра Вода и Малино сè уште во опасност

Три пожари сè уште беснеат низ Македонија, додека повеќе од дваесет се целосно изгаснати, ЦУК апелира на внимателност и соработка.

190

На територијата на Македонија до утринава биле регистрирани вкупно 29 пожари на отворен простор, од кои три сè уште се активни, три се ставени под контрола, а дваесет се целосно изгаснати, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Најголемите проблеми во моментов се предизвикани на Кожуф планина кај Гевгелија, каде што гори букова шума, како и над селото Бенче на планината Добра Вода во Македонски Брод, зафатена со дабова шума и папрат. Третиот активен пожар е кај селото Малино во општина Чучер Сандево, каде што пламените јазици брзо се шират низ мешана шума.






Според информациите, под контрола се пожарите кај скопската општина Гази Баба, во селото Виниче, каде што гореше нискостеблеста шума, потоа кај Батинци во Студеничани, зафатена со ниска вегетација и мешана шума, како и пожарот на градската депонија Острец во Делчево.

Во изминатото деноноќие, пожарникарите, со помош на институциите и локалното население, успеале да изгаснат вкупно 23 пожари на различни локации низ земјата. Гореле ниска вегетација, депонии и стрништа во Прилеп, Куманово, Липково, Кичево, Свети Николе, Штип и други региони. Меѓу изгаснатите се и пожарите кај Скопскиот аквадукт во Бутел, кај селото Арачиново, во ресенското село Евла, како и на депониите во Демир Хисар и Кичево.

Од ЦУК апелираат граѓаните да бидат максимално внимателни, бидејќи и најмал невнимателен потег може да предизвика нови пожари и да ја загрози безбедноста на луѓето и природата.

Поврзани содржини