ГОРД Е НА ИНВЕСТИЦИЈАТА НА „ЛИДЛ“, САКА ДА РЕАЛИЗИРА УШТЕ ПРОЕКТИ Димитриевски очекува максимална поддршка од кумановци на 19 октомври
Димитриевски вели дека во претходниот период под негово водство во Куманово се реализирани над 800 проекти, а клучно да ја прифати кандидатурата за трет мандат е неговата заложба да ги доврши сите почнати, но и да релизира нови проекти.
Ние како ЗНАМ едвај ги чекаме овие локални избори, затоа што досега не ги изневеривме нашите гласачи и граѓаните. Во оваа трка ЗНАМ не влегува само за да учествува, туку за да победи онаму каде што има свои кандидати за градоначалници. На примерот на Куманово се покажа дека беше преземена одговорност и се решаваа проблемите, а истото ќе биде пресликано и во Центар, рече Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово и кандидат за трет мандат на истата функција на претстојните локални избори.
– Дали сум им здодеал на граѓаните или не, ќе кажат на избори. Моја обврска е да продолжам да го работам тоа што најдобро го знам. Во првиот мандат, заедно со мојот тим ја стабилизиравме најзадолжената општина и ја трансформиравме во финасиски најстабилна во државата. Успеавме да реализираме и повеќе проекти. Во вториот мандат работевме и работиме и во рурални и во урбани средини, направивме неколку капитални проекти. Нешто што другите пред мене го уриваа 40-тина години, како на пример спортската сала, ние успеавме да ја реконструираме – рече Димитриевски во гостување на Канал 5.
Тој рече дека во претходниот период под негово водство во Куманово се реализирани над 800 проекти. Додаде и дека клучно да ја прифати кандидатурата е неговата заложба да ги доврши сите почнати, но и да релизира нови проекти, за што се надева дека ќе добие можност од граѓаните.
Димитриевски потенцираше дека за него е значајно што ја има поддршката од голема политичка партија како што е партнерот во власта, ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот рече дека негова примарна обврска е да продолжи да го работи тоа што во моментов го прави најдобро – да ја води општина Куманово и доколку граѓаните тоа го препознаат, очекува јасна поддршка и на 19 октомври.
Горд е што токму во Куманово еден гигант како „Лидл“ се решил да ја направи најголемата поединечна странска инвестиција досега – со изградба на логистичкиот центар кој е распространет на 60 илјади квадратни метри и ќе чини најмалку 110 милиони евра.
– Она што го видовме и јас и премиерот Христијан Мицкоски беше импозантно. Ја поздравувам оваа инвестиција на која сум горд како градоначалник. Очекуваме најдоцна до март тој комплекс, што се простира на 17 хектари површина на земјиште кое до вчера беше неизградено, да биде оперативен. А, според нивните најави до крајот на следната година и тие како фирма да станат комплетно оперативни со продажни центри – рече Димитриевски.
Не постои причина ЗНАМ да ја загуби поддршката што ја добиле на претходните избори затоа што, како што рече Димитриевски, по ниту една основа немаат разочарано никого, освен поединци кои многу очекувале на личен план.