ГОРАТ ШУМИ И ПОЛИЊА ВО МАКЕДОНИЈА Осум пожари сè уште активни, повеќе локации под закана

Пожарите беснеат во Чучер Сандево, Македонски Брод, Прилеп и други региони, дел од нив зафатија шуми, а во некои случаи чадот се уште се шири.

1,067

Шумите, ридовите и отворените површини во повеќе региони низ Македонија се соочуваат со сериозни пожари, кои според последните информации од Центарот за управување со кризи, не се стивнати ниту до пладне на 10 јули.

Најкритичната ситуација е во скопскиот регион, кај Чучер Сандево, каде шумскиот пожар меѓу селата Блаце и Горњани, во месноста Рамна шума, се шири со сериозно темпо. Исто така, во Прилеп, кај селото Бешиште, гори приземен шумски појас, а слична слика има и во Македонски Брод, каде се води борба на неколку фронта – кај Црешнево и Локвица, во близина на фабриката Самоков, но и кај селото Слатина.






Во Чашка, под познатата Солунска Глава, во областа Бабина Дупка, има активен шумски пожар со интензивно чадење. Слично е и во Дојран, каде во близина на селото Николиќ гори нискостеблеста шума, а во Крива Паланка, во атарот на селото Градец, огнот зафатил и шума и сува трева.

Во меѓувреме, на неколку локации пожарите се ставени под контрола, но опасноста сè уште тука. Таков е случајот со опожарените површини кај селото Орман во Ѓорче Петров, како и кај Смилковско Езеро, каде локалните власти и противпожарните служби интервенираа брзо за да спречат ширење кон објекти и населени места. Под контрола се и пожарите на депонијата во Шуто Оризари, во шумскиот предел кај Кочани, како и градската депонија Острец во Делчево.

Од друга страна, во некои делови, пожарите веќе се целосно изгаснати. Во месноста Брежјето кај Делчево, мешаната шума и сувата трева се сега под контрола. Исто така, изгаснат е пожарот меѓу селата Ларце и Горна Лешница во Желино, како и оној во населеното место Средорек во Куманово, каде што горело ѓубре и сува трева.

Надлежните институции и понатаму ги следат ситуациите на терен, а јавноста се повикува на внимателност и одговорност, особено во природа и блиску до запаливи површини, со оглед на високите температури и зголемената опасност од нови пожари.

Поврзани содржини