ГОЛЕМО ПРИЗНАНИЕ ЗА МАКЕДОНИЈА Рената Дескоска избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија
Првпат во историјата на Комисијата, потпретседател од земја која не е членка на ЕУ и од поранешна Југославија
Рената Дескоска е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија, јави таа преку својот Фејсбук профил.
Во рамки на 145-тата сесија на Комисијата, која се одржа на 12 и 13 декември во Венеција, за нов претседател беше избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна италијанска министерка за правда. За потпретседатели, покрај Дескоска, беа избрани и Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство.
„Среќна сум што сум првата потпретседателка на Венецијанската Комисија која потекнува од Македонија, земја која не е членка на ЕУ и која е од поранешна Југославија. Овој избор го сфаќам како признание за мојата активност и досегашен придонес во работата на Комисијата“, напиша Дескоска.
Таа истакна дека досега учествувала во изработката на 14 мислења за различни земји, кои беа едногласно усвоени на пленарните седници, како и во повеќе мисии и конференции на Комисијата. Дескоска најави дека продолжува со својот ангажман за промоција на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото.