ГОЛЕМИОТ ЉУБОВЏИЈА И „ПРАВЕДНИК“ КУРТУЛИ ОД ЗАТВОР И СЕГА ПРОПОВЕДА ЗА БОГ И ЗА ЉУБОВТА Ване Цветанов ни се врати, радувајте се луѓе!

Чудни се патиштата Божји... Кој веруваше дека еден ден ќе го видиме скандал мејкерот Ване Цветанов, човекот обвинет за тешки криминални дела кој еднаш се спаси да не лежи во затвор, во црква, како проповедник кој проповеда за Бога и за љубовта?

1,448

Каква неверојатна трансформација на еден човек!

Ване Цветанoв, кој своевремено беше обвинет за разни корупциски скандали, та дури и за за злосторничко здружување и за издавање државна и воена тајна, скандал мејкерот кој речиси и го заборавивме, ни се враќа на јавната сцена, преобразеn во голем верник и проповедник, кој својата љубов кон Бога ја споделува и на социјалните мрежи.






Една таква проповед за љубовта кон Господ и за штетите што ги прават злобните луѓе, Цветанов вчера споделил и на социјалните мрежи. Тој предавањето го почнува со молба до Господ, во која вели дека сѐ што ќе каже е од името господово и слава.

 

Ване Цветанов своевремено беше прв човек на Агенцијата за спречување перење пари и финансирање тероризам, директор на Финансиската полиција и претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата.

Но, брзо се прочу во јавноста по тоа што на државна сметка патувал по светот – јадел, пиел, престојувал во луксузни хотели, а неретко со себе ја носел и својата партнерка Дунавка.

Ване Цветанов во 2021 година ја ангажирал Дунавка Трифуновска, поранешна мис на Македонија, да му помага во работењето. Тогаш тврдеше дека ја ангажирал со договор за дело за нула денари.

Со месеци потоа Ване и Дунавка јавно се разделува, јавно се расправаа кој е виновен, а потоа, пак јавно, се заљубуваа. На првата годишнина од љубовта, Ване на Фејсбук напиша. „Искрено му благодарам на Бог што те испрати, за заедно да чекориме во добро и зло. Ти преку дела ми покажа дека со чиста љубов и силна вера во Бог, се возможни и најубавите нешта. Го молам Бог да нѐ благослави со уште многу вакви моменти. Среќна годишнина, љубов“.

Опседнати со исходот на теленовелата за Ване и Дунавка, тогаш не забележавме колку и Бог е во фокусот на вниманието на големиот љубовџија и праведник.

Како претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата, Ване Цветанов беше обвинет дека ја злоупотребил службената положба и овластување, со што, според обвинителството, го оштетил државниот буџет за околу 33.000 евра. Бидејќи не се согласуваше со обвинението, избега во Германија и побара азил, но се врати кога беа изгласани измени на Кривичниот законик, според кои тој веќе беше слободен човек.

– Ова ми дојде како дар од Бога! Играта која ми ја направија од СДСМ и олигарсхиските лоби групи беше да добијам повеќе од 12 години затвор, со цел да ме замолчат засекогаш, бидејќи сум сведок на сериозни милионски криминални игри кои ја уништуваат државата – рече тогаш тој.

И пак Бог во приказната на Ване…

Цветанов беше обвинет и за злосторничко здружување и издавање службена, државна или воена тајна во случајот „Шпион“, во октомври 2014 година и осуден на 3 години затвор, но Апелациониот суд во октомври 2016 година ја намали на условна казна затвор од 2 години, која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело.

Во 2024 година Цветанов „блесна“ уште еднаш и изјави дека се чувствува како Бугарин.

– Планирам да влезам во политика како заштитник на бугарското малцинство во Македонија и како борец против организираниот криминал во којшто плива државата – изјави тој по враќањето од Германија, каде што бараше азил.

Во оваа епизода на животот на Ване, додуша, Бог не беше спомнат. Но, немаше потреба од тоа. И Бог, како и сите други, нели, најверојатно е Бугарин по потекло.

Она што не го знаеме во овој момент и не го истражуваме, е прашањето во која црква Ване сега држи проповеди. Оставаме тој самиот да ни каже.

Приказната за Ване продолжува.

Со божја помош, се разбира.

Поврзани содржини