Големиот пад, или: плукање во височина
Затоа, плукањето во височина не е олимписки спорт туку провинциска селска забава којашто одеднаш ние треба да ја прифатиме за различно мислење, поинакво гледиште, критичко преиспитување…! А на провинциските шутови да им закачиме олимписки медали.
Не можам да кажам кога точно започна „големиот пад“ на државата што нѐ доведе до ова денес. Можеби уште од самиот „нов“ почеток, којшто всушност не беше нов туку само продолжение на некои стари, сиви шаблони. Но, со божемни „нови“ луѓе кои сепак успешно се ослободија од „старите“ вредности, особено оние во културата, образованието, науката… и, како прва цел, од стручноста и од компетентноста не само во политиката туку во сите пори на општеството. И затоа тоа „општество“ е антагонизирано до неверојатно размери, затоа е интринсично непријателско, затоа 15-годишници имаат автоматски пушки и затоа во македонската верзија на сказната за „Црвенкапче“ бабата од внуката добива торта и шише вино, па го мами волкот со вода од варени колбаси…, па затоа впрочем ние ги споредуваме „различните мислења за Шекспир“ со некакви уличарски испрдоци што други ни ги подметнуваат како – книжевна критика!
И затоа, можеби, истите луѓе веќе ја прогласиле и гореспомнатата македонска верзија за „Црвенкапче“ за наше постмодерно ремек-дело? И го сместиле во лектирните изданија за второ одделение. А можеби ќе ги предложат и оние критики од нивниот лев сокак за нешто слично и ќе ги сместат во некоја идна антологија на македонската книжевна критика? Зошто да не, „прогресивна“ Македонија и – сѐ е можно!
Три децении Македонија не може глава да крене од такви и слични (само)прогласени „стручњаци“, од соцреалистичкиот булук префрлен и во „новото“ општество, од кривонасадени „општествено-политички работници“, од „мајкини ќерки“ и „татини синови“ и од секакви марксистички доктори на науки и нивните семожни семејства кои веднаш ги фрлија комунистичките тоги во миг пресоблекувајќи се во „демократски“ трибуни во одбрана на своите наследени права. Нивните прекуноќни трансформации – од 1989 во 1992 година, па од 1992 во 1998 година, па споровозно до денес – од некакви загрижени марксисти и социјалисти во опортунисти и псеудолиберали, од квазинаучници во политиканти, се диктирани само и единствено од нивниот џеб и личен и семеен комодитет. И токму тие ја наметнаа „психологијата на таборот“, ако веќе говориме за тоа. И, каков парадокс: токму тие не признаваат туѓ „ред“, друго мислење, поинаков став…, особено ако е аргументирано спротивен од нивните бабини деветини! Па триесет години го гледаме тој филм, со истите или слични глумци и реплики за оној другион табор, за другине „националисти“, „небањати“, „неписмени“…
Но, нивниот „табор“ е само кафеански табор, нивните херои на такви локации умеат да „творат“, да „креираат“ државни геостратешки но и културни политики, да „вреднуваат“ и превреднуваат, па тие испрдоци да им ги сервираат на таборските гласноговорници за натамошна дисперзија. И вувузелите тоа го чинат, иако тие кафеански испрдоци никаде и никогаш не можат да се наречат критичко превреднување, заради многу причини.
Прво, критичко превреднување, па и на т.н. великани, не се врши во кафеана, со вулгарни изливи врз мрсна салфетка. Белки македонскиве професор(к)и знаат што е критичко превреднување и како се одвива тој процес? Второ, не можат критички да превреднуваат аналфабети, нестручни поединци и групи, некомпетентни самопрогласени критичари. Тоа што некои шупелки така ги доживуваат, некои дури и ги става(л) по разни комисии – токму тоа е приказната односно „психологијата на таборот“! И трето, ниту една сериозна средина, не, пак, наука – освен изгледа македонската – некогаш би прифатила такви бласфемично вулгарни конструкти воопшто да се приближат до поимот критичко превреднување! А оние „професор(к)и“ кои тие простотилаци сакаат баш така да ги видат, нека аргументирано го образложат.
И затоа не случајно ја спомнав македонската верзија на сказната за „Црвенкапче“ и оние, да простите, повраќаници сервирани на децата од второ одделение како задолжителна лектира. Таа беше речиси целосно игнорирана од ваквата македонска „наука“ и „пајтон-интелигенција“? Зошто? Затоа што таа беше производ на нивниот „табор“, како што беше и онаа дресура на магариња и уште илјадници слични будалаштини на коишто никој не смееше да им обрне внимание. Зашто беа – нивни! Такви македонски превреднувања на „ала Грим“ скаски и сѐ друго што во даден миг ќе им стаса од задникот до главата, при што можете да пишувате што и како сакате, да измислувате лични будалаштини коишто потоа некој ги сервира како македонски реалности, имавме на тони. Но, немавме, и сѐ помалку имаме вистински вредности, вистинска критика, сериозно творештво…
Затоа, плукањето во височина не е олимписки спорт туку провинциска селска забава којашто одеднаш ние треба да ја прифатиме за различно мислење, поинакво гледиште, критичко преиспитување…! А на провинциските шутови да им закачиме олимписки медали. И тука воопшто не е спорно дали македонската книжевност созреала за критичко превреднување од нејзините почетоци до денес. На сите, па ако треба и на Конески, Јаневски, Попов, Солев…, како што, ако е дојдено времето, а е, соодветни нови толкувања се неопходни и во македонската ликовна уметност, театарот, филмот итн. Ама тоа не може да го прават некомпетентни ликови, умислени кафеански шарлатани кои некој ги става по разни комисии да вреднуваат дела на луѓе кои напишале повеќе книги од што дотичните прочитале, синови и ќерки на македонски ликовни уметници по правото на раѓање си припишуваат некакви познавања за уметноста, неуки луѓе држат лекции за филмот и фотографијата, катастрофално лоши сликар(к)и ги промовираат во директори на национални институции… итн., итн. Да не ја спомнувам политиката и циркузантското мешетарење внатре, монструозниот политикантски инцест помеѓу образованието – особено високото – и политичките партии, правосудниот македонски Гордиев јазол којшто никој досега не успеа да го разреши и др.
И сето тоа се должи токму на таборските кадровски решенија, на поддршките на плукачите во височина небаре се олимписки шампиони, на „политиката“ на глутницата која ги брани своите до смрт. И нека биде така, нека таа глутница себеси се прифаќа како „македонско говно“, но зошто ние тоа треба да го прифатиме? А ако тоа не е говор на омраза, не знам што е. Но за тоа во следната прилика.
П.С.
Знаете зошто плукањето во височина не е олимписки спорт? Бидејќи во тој „спорт“, плуканиците најчесто му се враќаат в лице на плукачот!
Извор: Теодосиевски уметност