Големата Украина и малата Македонија во ЕУ
Силни и долготрајни аплаузи одекнуваа во Европскиот парламент кога украинскиот претседател Зеленски во својот говор нагласи дека борбата на Украина против руската инвазија е воедно и борба за европските вредности и за приклучување кон заедничкиот европски дом.
„Очигледно е дека местото на Украина е во ЕУ. Има нешто надежно во тоа“, изјави деновиве шведскиот премиер Улф Кристерсон, чија земја моментно претседава со ЕУ. На разни места во Европа се слушаат заложби дека на Украина треба да ѝ се овозможи јасна европска перспектива. Веројатно иста онаква перспектива каква што во изминативе две децении многупати им беше понудена на земјите во Западен Балкан. Свечени изјави и убави зборови, но дали се и празни ветувања?
ЕУ не може да го изневери сонот за Украина за членство, но за таквиот сон да стане реалност ЕУ мора претходно да се промени. Францускиот претседател Емануел Макрон и во 2019 година зборуваше за надежите за натамошно проширување на ЕУ, но најави неопходни внатрешни реформи за поефикасно функционирање на Унијата и притоа им стави вето на Македонија и Албанија. Спроведувањето на тие најавени реформи и понатаму се во сферата на дискусија. А и сега, кога е во прашање Украина, Макрон вели дека кандидатскиот статус што го добила земјата е една работа, но сосема друго е реалноста дека може ќе бидат потребни „децении“ за Украина да ги исполни тешките барања за членство. Воздржаност во ветувањата, се разбира, типична за Макрон.
Силни и долготрајни аплаузи одекнуваа во Европскиот парламент кога украинскиот претседател Зеленски во својот говор нагласи дека борбата на Украина против руската инвазија е воедно и борба за европските вредности и за приклучување кон заедничкиот европски дом. „Затоа се бориме“, изјави Зеленски и на средбата со шефовите на држави или влади на ЕУ. Но во исто време одговорот од ЕУ не е еднакво јасен. На разни нивоа се повторува дека иднината на Украина „е во ЕУ“, но што тоа всушност значи, не е баш лесно да се дефинира.
Сите убави зборови од разни претставници на ЕУ во крајна линија можеби создаваат впечаток дека на Украина наскоро ќе ù биде укажано добредојде како членка. Но повеќе од веројатно е дека тоа нема да се случи на таков начин. Бидејќи, кога е во прашање проширувањето, ЕУ веќе од поодамна не е сосема искрена. Обично се тврди дека процесот е базиран вез „мерит критериуми“. Ако се исполнат формалните барања, тогаш не би требало да има некакви пречки за прием. Но напоредно на тоа, како што е добро познато, постојано доаѓа до израз и непредвидливата реал-политика. А згора на тоа одделни ЕУ-членки можат да го блокираат процесот со ставање вето во недоглед.
„Сетете се само на Македонија“, пишува деновиве шведскиот весник „Дагенс нихетер“, потсетувајќи дека земјата поднесе молба за членство во 2004 година, доби кандидатски статус во 2005 година и потоа чекаше до летото 2022 година пред „да ги започне преговорите за членство“. Долгото време на чекање не зависеше од постигнатите заслуги, или пак недоволно исполнетите „мерит критериуми“, туку едноставно затоа што Бугарија, слично како претходно и Грција, посегна по своето вето за да го спречи европскиот пат на Македонија. Патем речено, во текстот на неколку места Македонија се именува едноставно така, без додавката Северна, а што секако е симпатично и приемливо, без оглед дали тоа ќе го сметаме за некаков пропуст или лапсус во еден од највлијателните скандинавски медиуми.
Да се потсетиме, пишува натаму шведскиот весник, и на Србија, која поднесе молба за членство во ЕУ во 2009 година, а преговара од 2014 година, или на Црна Гора, која преговара од 2012 година. Албанија поднесе молба во 2009, а не можеше да ги започне преговорите пред летото минатата година. Насекаде расте фрустрацијата – сака ли ЕУ нови членки, или не? А токму разочарувањето буди опасен порив. Незадоволството од легитимните очекувања може да доведат до тоа земјите на Западен Балкан да се оддалечат од ЕУ, вртејќи се повеќе кон Русија или Кина.
Не само Макрон, и многумина други се плашат дека би можеле да поминат децении пред Украина да се зачлени во ЕУ. Корупцијата има застрашувачки размери, ќе биде потребна цела вечност за да се најде решение за тој проблем. Но, дури и во екот на воени дејствија, украинското државно раководство, токму поради строгите барања на ЕУ, го принуди заменик-министерот за одбрана да поднесе оставка, а што би можело да се протолкува како знак дека во Украина сериозно се приоѓа кон обидите да се засили борбата против корупцијата, имајќи предвид дека Украина е рангирана на последно место на табелата на „Транспаренси“, според прецепцијата на корупција во европските земји. Друштво на дното на табелата ѝ прават балканските земји, меѓу кои секако и Македонија.
Но, сепак, доколку ЕУ навистина смета дека Украина „припаѓа на ЕУ“, а дека истото се однесува и на земјите во Западен Балкан, тогаш Брисел би морал посериозно да се зафати со подготовките за нов круг на проширување, бидејќи, во спротивно, кредибилитето на Унијата ќе продолжи да тоне. Можеби токму затоа во последно време во Брисел и меѓу ЕУ-аналитичарите се зборува и за извесна „постепена интеграција“. Замислата е новите земји-членки да се доближуваат до членството чекор по чекор, да бидат пуштани да се вклучуваат од едно до друго подрачје. Но тешко е да се разбере како таков пристап всушност практично би функционирал. Основниот столб на ЕУ е слободата на движењето, без никакви бариери на внатрешниот пазар. А и како би се донесувале заедничките одлуки во Брисел, доколку сите не би седеле на заедничка маса, туку прашањата би се решавале според некакви сегменти и сектори?
Веројатно би било подобро ЕУ да спроведе цела низа реформи кои и онака ѝ се неопходни, на пример кога е во прашање намалување на земјоделските субвенции и заострување на контролата на други европски фондови за поддршка и развој, како и да се овозможи примена на регулатива преку која би било можно да се избрка од членството некоја земја што не ги следи и почитува принципите на правната држава.
Недоумиците и стравувањата во најзначајните европски метрополи се големи, како и во ходниците во ЕУ-седиштето во Брисел, каде што не е мал бројот на оние што ќе речат декја со сегашната ЕУ-регулатива Украина со својата огромна обработлива земјишна површина би го проголтала речиси грото од европските земјоделски субвенции, што секоја година им се доделуваат на земјите-членки.
Така е можеби во случајот на „големата“ Украина, и кога е во прашање вистинската подготвеност да се поделат парите од енормниот европски финансиски колач (буџет). Но така секако не е и кога е во прашање „малата“ Македонија, и нејзиниот ситен земјоделски и друг капацитет, но која сепак веќе две децении речиси и не се помрднува во чекалната пред портите на Брисел. Ситуацијата е созреана за да може да се констатира дека доколку ЕУ-лидерите продолжат свесно да го успоруваат проширувањето со нови членки, тоа не би претставувало ништо друго освен натамошно непростливо продлабочување на изневерените очекувања, и тоа од историски формат.