ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО ЦЕНТАР Извршена е контрола во 12 локали, приведени 13 лица, меѓу нив и шестмина малолетници

Против 4 лица, приведени во акцијата, ќе бидат поднесени кривични пријави за неовластено производство и трговија со дрога, како и за овозможување употреба на наркотични средства, согласно членовите 215 и 236 од Кривичниот законик. Покрај тоа, биле откриени и прекршувања на повеќе закони, вклучувајќи ги прописите за лични карти, сообраќајна безбедност, возила и за оружје.

8,658

Полициски службеници од СВР Скопје, во соработка со Државниот пазарен инспекторат, спроведоа акциска контрола во повеќе угостителски објекти на подрачјето на Центар во ноќта меѓу 19 и 20 јули. Акцијата, која траела од 19:00 до 02:30 часот, опфатила проверки во 12 локали, при што биле приведени вкупно 13 лица – четворица поради кривични дела, а деветмина поради други основи, од кои шестмина биле малолетни.

Против четирите лица, што биле лишени од слобода, ќе бидат поднесени кривични пријави за дела предвидени во член 215 став 3 и член 236 став 1 од Кривичниот законик – што се однесува на неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, како и овозможување употреба на наркотични средства.






Дополнително, биле регистрирани и прекршувања на неколку закони, меѓу кои Законот за лична карта, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за возила и Законот за оружје.

Во текот на контролата биле извршени 26 проверки на идентитети, 23 прегледи на лица и 11 прегледи на возила. Седум возила биле отстранети од сообраќај со помош на специјално возило „Пајак“.

Паралелно со ова, припадниците на Единицата за недозволена трговија презеле оперативни активности при што 2 лица биле приведени заради утврдување на идентитет, а дополнително биле легитимирани уште 22 лица. Извршени се прегледи кај 19 лица и 8 возила.

МВР најавува дека ваквите контроли ќе продолжат и во наредниот период со цел зголемување на безбедноста и спречување на криминалните активности.

Поврзани содржини