ГОЛЕМА МИСТЕРИЈА Еден од преживеаните вели спасени се 8 лица, но каде е осмиот патник?
Ние пронајдовме 44 трупа, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица, вели Милева.
Портпаролот на главниот обвинител, Сијка Милева изјави дека во трагедијата со македонскиот автобус која се случи во Бугарија спасени се осум, а не седум патници како што беше првичната информација, а тоа го рекол еден од очевидците кој се спасил во големата автобуска несреќа.
Милева рече дека повредените биле во добра физичка состојба, но дека психичката состојба на повредените била многу тешка за време на распитот.
– Ние пронајдовме 44 трупа, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 трупа. Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот – истакна Милева.
Таа додаде дека сведокот потоа бил испрашан од истражители во присуство на преведувач и тој повторно категорично тврдел дека се спасиле осум луѓе.
– Јас бев на местото на инцидентот и ги видов јагленисаните трупови, глетката беше ужасна, потешка беше ситуацијата кога заедно со главниот обвинител на Северна Македонија, Јовевски и обвинителката за организиран криминал и корупција Русковска ја посетивме болницата „Пирогов“ каде беа сместени седум од повредените. Истите беа во добра физичка состојба, но психички беа во многу тешка состојба. Секој беше во одделна соба во одлични услови и за нив се грижат најдобрите лекари во земјата – рече Милева.
Бугарските органи истражуваат каде е едниот патник, дали се прекачил во друг автобус и што се случило со него. Досега биле испитани двајца сведоци, односно преживеани од несреќата и нивните верзии се поклопувале и според истражните органи се објективни.
– Преживеаните велат дека интензивен пламен избувнал на десната страна на автобусот веднаш по несреќата. Веднаш биле направени обиди да се отворат прозорците на возилото. Влезната врата излетала во моментот на ударот. Но, и покрај ова патниците не можеле да излезат бидејќи во овој дел од автобусот веќе горел силен пожар. Сите се собрале на средната врата, која, сепак, беше заглавена од заштитната ограда на левата лента – изјави шефот на тимот истражители што го истражува случајот Маријан Маринов.
Вчера е договорено дека тим од шест истражители од Националната истражна служба и тројца обвинители од Окружното обвинителство Перник ќе работат на предистражна постапка за тешката сообраќајна несреќа на автопатот Струма, во која загинаа државјани на Р. Северна Македонија.