Голема Македонија
На Балканот национализмот често го обвинуваме за сите несреќи, но вистинскиот проблем не е љубовта кон своето, туку омразата кон туѓото. Кога љубовта се изопачува во шовинизам, расизам или ксенофобија, од патриотизам останува само идеолошка карикатура
Во последните три децении Балканот полека се празни. Бугарија и Албанија изгубија по една четвртина од своето население; Србија и Грција, секоја на свој начин, се соочуваат со драматичен пад на наталитетот и масовна емиграција.
Македонија, иако со помало почетно население, не остана поштедена – официјално изгубивме околу 8%, а ако ја вклучиме скриената емиграција, луѓето кои привремено се сметаат за печалбари, но никогаш нема да се вратат – реално сме веќе над 12%. И
нормално, партиите, која како е на власт а која во опозиција, „чисто и елоквентно“ објаснуваат дека „другите се виновни“. За вечните комотни опозиции кои само се преправаат дека се борат за власт, а всушност нашле изворче наречено „закон за финансирање на политичките партии“ – оваа тема е извонредна! Тие никогаш за ништо не се виновни, вечно се во опозиција, со вечно право само да плукаат без да понудат решение. Но, не сакам да се фокусирам на партиите.
Има премногу оксиморони во нивното однесување. ДУИ шири радикализам и шовинизам, а во Велешта од некогашните 200 првачиња годишно, прашање е сега дали има 20. И не е само Велешта. Ме сфаќате зошто не ми се зборува за партиското искористување на општиот проблем, така? Ќе зборуваме за друго – политичката околина на Македонија.
Како што споменав, намерно ќе повторам за да се акцентира: Балканот има изгубено четвртина население! И во една таква демографска апокалипса, соседите не престануваат да сонуваат за „големи земји“. Албанија, со речиси половина од своите граѓани во туѓина, се надева на „Голема Албанија“ – визија формулирана уште во Призренската лига (1878), а накратко оживеана за време на фашистичката окупација (1941–1944). Бугарија, која исчезнува со темпо на цела општина годишно, сè уште се колне во митот на Сан Стефано (1878), а за ултра-шовинисти и тоа е малку – нивната Бугарија треба да биде поголема и од секое историско царство кое носело назив „Бугарија“.
Србија, и покрај тоа што трагично го загуби Косово како резултат на тогашниот национален шовинизам, и понатаму се врзува за времето на Цар Душан, како за некоја врвна историја што треба да се повтори.
Грција, пак, иако се чинеше дека ја погреба својата „Мегали идеја“ по катастрофата во Мала Азија (1922) во која Ќемал Ататурк им зададе тежок пораз, сепак останува заробена во сопствени митови, Бог знае од кое време во антиката – кога грчкиот, трговски јазик, бил lingua franca во источниот Медитеран, па оттука денес се тврди дека „до каде што се зборувало грчки – тоа е Грција“.
Како да им објасниш дека немаат население ни за сегашните територии? Просечно 85 лица живеат на километар квадратен, и се восхитуваат на Јапонија, Кина или Индонезија каде овој просек е над 150 па дури и над 300 во некои земји.
Сите овие големодржавнички идеи имаат заедничка идеолошка подлога: поедноставување на историјата. За националшовинистите, историјата не е мрежа на сложени процеси, туку груба и ужасно глупава слика на мапа од „златното време“ на соодветниот шовинист – до денес. Во суштина: комфорна лага – колку повеќе сегашноста е сиромашна и демографски осакатена, толку повеќе мапите изгледаат како добар мотив за живот.
И нормално, тука сме и ние. Завчера пријател ми подари маица со „Голема Македонија“, која гордо ја облеков и ја прошетав низ Охрид. Зошто? Просто, затоа што единствен логичен одговор на сите „големи, природни, мегали или велики“ земји околу мене е: Голема Македонија. Но…
Јас, кога ќе кажам „Голема Македонија“, не мислам на нови граници. Апсолутно сум против менување на границите, сè до моментот кога ќе се избришат во ЕУ, или друга договорена политичка творба (Евроазија, Обединет Свет или што било, зависи од фантазијата), која во моментов не е на видикот. Мојата Голема Македонија е таму, и интересно, истовремено тоа е и Голема Албанија, Голема Бугарија, Голема Србија и Голема Грција. Сите ќе бидеме големи затоа што сите ќе имаме еднакво право да појдеме кај своите браќа и сестри – кои претходно биле преку граница.
До тогаш, а тој ден можеби нема да дојде, единственото разумно и одржливо барање е елементарно: македонските малцинства во соседните држави да имаат третман во согласност со меѓународните стандарди. Само толку. Македонци живеат во Бугарија, Грција, Албанија и Србија, но официјално „не постојат“ во две од четирите наброени. Ситуацијата наликува на стариот бугарски виц за жирафата: Бугаринот гледа жирафа пред себе, а вели – „ова не постои, нема животно со толкав врат“. Така и со Македонците во соседството – се гледаат, зборуваат, пеат, одржуваат култура, но за официјалната статистика се невидливи.
За крај – можеби забележавте – не го оспорувам национализмот. Го прифаќам, и подготвен сум да спорам со тие кои го напаѓаат. Во својата чиста и патриотска суштина, тој е позитивен: љубов кон својот народ и држава. На Балканот национализмот често го обвинуваме за сите несреќи, но вистинскиот проблем не е љубовта кон своето, туку омразата кон туѓото. Кога љубовта се изопачува во шовинизам, расизам или ксенофобија, од патриотизам останува само идеолошка карикатура што го уништува сопствениот народ. Сакајте го својот народ и својата држава. Не мразете ги другите.
До следната недела, ве поздравува вашиот колумнист – националист, со маица од Голема Македонија.