ГОЛЕМ ОДРОН КАЈ СЕЛОТО КОЛАРИ Забрана за автобуси од Лисец кон Шапка
Поради одронот кај селото Колари сообраќајот на патот Кичево - Гостивар од 5.40 часот бил во целосен прекин, од 7 часот изутринава е воведен наизменичен сообраќај по една коловозна лента во должина од 30 метри.
На патниот правец Кичево – Гостивар поради голем одрон кај село Колари од 7 часот изутринава е воведен наизменичен сообраќај по една коловозна лента во должина од 30 метри, информира Диспечерско-информативниот центар на ЈП Македонија пат.
Поради одронот сообраќајот на патот Кичево – Гостивар од 5.40 часот бил во целосен прекин.
АМСМ информира дека од 05:45 часот на патниот правец село Лисец – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси.
– Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата – велат од АМСМ.
Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.
Најмногу дожд во изминатите 24 часа заклучно со 7 часот изутрина наврна во Пожаране, 48 литри на метар квадратен, по што следуваат со 45 Тетово, со 33 Лазарополе, со 31 Mаврови Анови. Во Охрид наврнале 29 литри дожд, Скопје-Зајчев Рид 21, Попова Шапка 17, Kрушево 16, Битола 15, Скопје-Петровец 13, Ѓуриште 12, Крива Паланка 11, Прилеп 9, Претор и Велес 8, Гевгелија 7, Берово и Тополчани 6, Виница и Струмица 4, Штип 3, Кавадарци и Демир Капија 2, покажуваат мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи.
На Попова Шапка температурата во 7 часот изнесувала -1 степен, 1 во Mаврови Анови, 2 во Лазарополе, 4 во Kрушево, 5 во Тетово и Прилеп, 6 во Скопје-Петровец, Велес, Крива Паланка, Охрид, Претор и Берово, 7 во Скопје-Зајчев Рид, Битола и Кавадарци, 8 во Виница и Струмица, 10 во Штип, Демир Капија и Гевгелија.
УХМР за денеска најави променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, локално пообилни (над 20 литри на метар квадратен). Претежно во источните региони ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 70 километри на час). На планините во северните делови врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе има услови врнежите да бидат проследени со појава на ретки грмежи. Претпладне ќе дува умерен до повремено засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 15 степени.