ГОДИШЕН РАСТ ОД 12,9% НА ВКУПНИТЕ ДЕПОЗИТИ Кредитирањето пораснало за 13%

34

Вкупните депозити бележат раст од 12,9%, којшто во поголем дел произлегува од зголемувањето на депозитите на секторот „домаќинства“, соопшти Народната банка по анализа на годишно ниво.

На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 13,0% како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.






Во јуни 2025 година, паричната маса бележи месечен раст од 0,8%, пред сè, поради растот на депозитните пари, при помал позитивен придонес и на долгорочните депозити до две години, додека краткорочните депозити и готовите пари во оптек забележаа пад. Годишниот раст на паричната маса изнесува 11,3% и е резултат на растот на депозитните пари, долгорочните депозити до две години, краткорочните депозити и готовите пари во оптек.

Вкупните депозити во јуни се зголемени за 0,9% на месечна основа, во целост поради растот на депозитите на корпоративниот сектор.

Во јуни 2025 година, вкупните кредити се зголемени за 1,6% и 13,0% на месечно и на годишно ниво, соодветно. Притоа, месечниот и годишниот раст се резултат на зголемените кредити на двата сектора, при поизразен придонес на кредитите на корпоративниот сектор.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во јуни, бележат месечен раст од 3,1%, во најголем дел како резултат на зголемувањето на депозитните пари, при дополнителен раст и на краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари и во странска валута забележаа пад. На годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор остварија зголемување од 14,6% под влијание на растот на депозитните пари, краткорочните депозити во денари и во странска валута и долгорочните депозити во денари, во услови на остварен пад на долгорочните депозити во странска валута.

Во јуни, кредитите на корпоративниот сектор бележат месечен и годишен раст од 2,1% и 16,0%, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена во целост се должат на зголеменото кредитирање во денари, при остварен пад на кредитите во странска валута.

Вкупните депозити на домаќинствата, овој месец, се речиси непроменети на месечна основа. Во споредба со истиот месец минатата година, депозитите на домаќинствата се зголемени за 13,0% како резултат на растот на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и во странска валута и краткорочните депозити во денари, при забележан пад на краткорочните депозити во странска валута.

Во јуни, кредитите на домаќинствата забележаа месечно и годишно зголемување од 1,2% и 10,3%, соодветно. Промената кај двете основи се должи на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во јуни, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечно зголемување од 1,0% и 1,4%, соодветно, при годишен раст од 9,8% и 15,0%, соодветно.

Во јуни, автомобилските кредити забележаа намалување од 0,1% и 2,8% на месечна и на годишна основа, соодветно. Овој месец, кредитите одобрени на кредитните картички и негативните салда на тековните сметки остварија месечно зголемување од 0,2% и 3,7%, соодветно, при годишно намалување од 7,6% и 4,2%, соодветно. Кредитите одобрени врз други основи, во јуни, бележат месечен и годишен пад од 1,4% и 8,5%, соодветно.

Поврзани содржини