Години на „плитката држава“

Токму тоа се случуваше во конкретниот период 2017-2024 година, како надоврзување на поранешните искуства: таа „плитка“ односно плиткоумна држава беше континуирано потценувана (барем од слободномислечкиот дел од јавноста), ѝ беше оставен огромен простор да се размафта, да се раскрили и да ги завземе сите стратешки позиции (особено судството и важни делови од извршната власт), да се инфилтрира во државната администрација, на универзитетите, во културата, здравството…, и – да расте. Таа плиткоумна „сила“ доби загрижувачки размери, а во неа едновремено беа вбризгани и криминално-коруптивни елементи, коишто како метастази се ширеа низ целото општествено ткиво.

947

Кога вниманието на независниот набљудувач би се задржало единствено на аспектите на практикувањето на власта во изминатата 2024 година, генералните впечатоци би биле само парченце од македонскиот политички мозаик, на само една страница – да, нова, но сепак само еден исечок – од реалноста којшто дури може да биде и лажлив. Поточно, историјата не ги посматра изолираните настани сами за себе, туку ги истражува генералните процеси, особено оние (нај)важните што ги одредуваат тие настанит и нивните причинско-последични релации . А тогаш вниманието мора да се прошири (барем) на еден подолг период, во случајов на оној 2017-2024 година, зашто таму лежи политичкиот клуч на ова што го гледаме денес. И на она што е важно за насловот: „плитка држава“.

А тој наслов е всушност парафраза на познатата „длабока држава“, којашто кај нас, за наша среќа, останува на периферијата на сериозните длабочини, се прпелка во плиткоста на сопствената неспособност, односно на оние кои ја создале или дозволиле истата да биде создадена.






Инаку, изразот „длабока држава“ стана особено популарен во времето на првото претседателствување на Доналд Трамп (2017-2021) година, иако и многу пред него – на пример Никсон и „Аферата Вотергејт“ – таа „длабока држава“ си го покажа моќното лице. Но, интересно е што етимолошки, барем според фамозната Википедиа, модерниот концепт на овој израз се поврзува со Турција од времето на Ататурк. Поточно, тој израз се поврзува со мрежата на високи воени функционери и цивили и нивната активност во зачувувањето на секуларизмот во Турција. Тука понатаму се вплеткуваат и други заговорнички приказни од типот на организацијата „Гладио“ и слично, но тоа за нас не е особено важно.

Меѓутоа, важна е суштината на „длабоката држава“, односно (ин)директната конспиративна улога на (условно) високата државна бирократија и/или (дури и) некои неформални групации и влијанијата во креирањето и практикувањето на власта, најчесто паралелно со легалната власт или дури и како нејзина замена. Таа и таква конспиративна улога е по правило двојна: некогаш е насочена кон нескриената поддршка на автократските опции во власта, но, од друга страна, многу често зафаќа и во подривањето на легалниот демократски поредок во државата, во интерес на некои други „сили“, односно поединци и групи. Како што се случува кај нас во втората половина на оваа година, но и претходно.

Кај нас „плитката држава“ се служи со двете опции, и тоа е евидентно токму во периодот што го спомнав. Но, некој ќе рече дека „плитката држава“ во наши услови треба да се истражува уште од релативно далечната 1992 година, што би било реално, бидејќи почетоците (и) на „новава“ приказна се лоцирани во тоа време. Зашто токму тогаш де факто започнува слободниот пад на формалниот/уставниот систем и растечкото влијание на „плитката држава“. И тогаш се профилираат – поточно: ги профилираат! – двете линии на таа и таква „држава“ спомнати погоре, оној зачеток на партиски моделирана државна бирократија, главно неука, но токму заради тоа и подобра за манипулирање, и оние неформални групи (партиски и етно врхушки, бизнис групи, олигарси, интелектуална клиентела итн.). Секоја од овие групи е приврзана кон некоја опција, но не и идеологија (зашто времето на идеологии е минато и од нив не се заработува вака добро!) и го чека своето време. Нешто како оние „комунистички кртови“ од филмовите кои „заспани“ го чекаат мигот на активацијата.

А бидејќи кај нас, како и обично, никогаш ништо не е „длабоко“ и/или „големо“, секогаш е „плитко“, мало, меланжирано, односно измешано, да не можеш да му го фатиш крајот…, така е и со „длабоката држава“ којашто веќе во стартот станала плитка и чии прсти се толку видливи што нивната „таинственост“ станува смешна и за подбив. Но, не е неефикасна и затоа не смее да се потцени.

И токму тоа се случуваше во конкретниот период 2017-2024 година, како надоврзување на поранешните искуства: таа „плитка“ односно плиткоумна држава беше континуирано потценувана (барем од слободномислечкиот дел од јавноста), ѝ беше оставен огромен простор да се размафта, да се раскрили и да ги завземе сите стратешки позиции (особено судството и важни делови од извршната власт), да се инфилтрира во државната администрација, на универзитетите, во културата, здравството…, и – да расте. Таа плиткоумна „сила“ доби загрижувачки размери, а во неа едновремено беа вбризгани и криминално-коруптивни елементи, коишто како метастази се ширеа низ целото општествено ткиво.

Така дојдовме и до состојбите во изминативе години, па и денес, таквите „кадри“ на „плитката држава“ да завземаат или и понатаму да држат клучни позиции во државната власт – законодавната, извршната и судската – но, заради личната и групна неспособност не умееа да останат сокриени, уште помалку да ја придвижат државата во некои нормални насоки. Што всушност и не им беше планот бидејќи противречеше на посакуваните процеси на нивните шефови. Едновремено, во „плитката држава“ континуирано и предоминантно беа инфилтрирани криминални и коруптивни елементи кои не познаваа(т) – уште помалку признаваа(т) – држава, демократија, легална власт, општествени вредности, морал, етика… И таква плиткоумна држава посака дури и да започне пристапни преговори за членство во еу (малите букви се… знаете веќе што)!

И токму таа еу, но и „стратешкиот“ партнер, се правеа дека не ја гледаат „плитката држава“ на дело, дури ја охрабруваа, честитаа штогоде, ја фалеа… До мигот кога конечно разбраа – иако сѐ уште недоволно јасно, односно нецелосно – со кого имаат работа. Поточно дека таа и таква „плитка држава“ е самодоволна, тотално неупотреблива за повисоки цели, а станува и неконтролибилна! И затоа ја пуштаат низ вода односно почнаа да ја ставаат на разноразни „црни листи“!

Во сите овие процеси посебни задачи – секако и огромни заслуги – имаа(т) посочените „неформални“ групации (бизнис елити, политички и етно врхушки, образовно-културниот сектор и др.), секој во својата сфера на интерес. Сепак, посебно се истакнува(ше) токму „интелектуалната“ клиентела која секојдневно наоѓа(ше) начини на јавноста да ѝ сервира етно-партиски митологии за успешноста на политикантските врхушки, за нивната државотворност, прогресивност, проевропска настроеност и слично. А тоа и денес трае, упорно и упорно, иако половина од онаа власт по 2017-та година е под лупата на органите на прогонот, двајца вицепремиери се на „црната листа“ на стратешкиот партнер, секојдневно се распишуваат национални и меѓународни потерници итн. Станува збор за криминално-коруптивни зделки со фантастични износи, што во голема мера е резултат на активностите на инструментализираната „плитка држава“.

Впрочем, токму таа „плитка држава“ беше и активен чинител на скандалот на векот – прислушувањето на дваесетина илјади македонски граѓани – но, едновремено, се чини, истата таа плиткоумна држава успешно го искористи тој скандал, ги конфискува прислушуваните материјали и никој не разбра што се случува со нив. Како што, впрочем, остана нејасна и неодговорена тезата за „сечени и лепени“ материјали, односно дали власта од 2017-та година заседна на вратот на државата на таков нелегален начин!

Сегашната агенда на новата власт сака да сугерира бескомпромисна битка со криминалот и корупцијата. Но – дали и со „плитката држава“? Не се доволно јасни намерите во таа насока, но, таа војна мора да се започне. Што побргу – тоа подобро, зашто „плитката држава“ многу бргу се престројува, нејзиното криминогено ткиво се регенерира, а местата на паднатите челници итно се пополнуваат.

И да, во такви војни секогаш има многу жртви. Меѓутоа, калкуланството и тактизирањето во една таква сеопфатна војна веќе во стартот значи пораз зашто „плитката држава“ – имајќи ги предвид случувањата последниве шест месеци – е командно построена за субверзивно подривање на сите продемократски процеси. И тоа на власта мора да ѝ биде јасно!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини