ГОДИНА И 8 МЕСЕЦИ ЗАТВОР ЗА СОПСТВЕНИКОТ НА „БЕСА ТРАНС“ Доби забрана за меѓународен превоз од 4 години
И адвокатот Алиспахиќ и обвинителот Милошевски, потсетија дека овој процес не се однесува на автобуската несреќа што се случи со конкретнитот автобус во Бугарија, кога загинаа 45 луѓе.
Една година и осум месеци казна затвор за сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу, и парична казна од 800.000 денари, како и четиригодишна забрана за вршење меѓународен превоз на правното лице е епилогот од судењето за случајот што се однесуваше на продолжено кривично дело „фалсификување на исправа“.
Судијата Ивица Стефановски, кој денеска ја објави пресудата во Основен Кривичен суд Скопје, наведе дека обвинетите Беким Хаџиу и правното лице „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“ се виновни затоа што обвинетиот, како управител на правно лице „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“ во повеќе наврати употребил како вистинска лажна јавна исправа, извод од лиценца за вршење јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, која што воопшто не била издадена од Министерство за транспорт и врски за тој автобус.
Според обвинителниот акт, обвинетиот Беким Хаџиу, како управител на правното лице „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“ од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа – Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај.
Процесот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителот Владимир Милошевски.
Одбраната најави дека ќе го искористи своето право на жалба. Бранителот на обвинетиот Беким Хаџиу, Асмир Алиспахиќ, изјави дека казната е превисоко одмерена.
– Ако направиме една компарација во делот на другите изречени судски одлуки и судски пресуди од ваков вид, иако е предвидена казна затвор од една до пет години, сметам дека во конкретнава ситуација е превисоко одмерена, не само во делот на постоење на кривично дело. Според одбраната во конкретниот кривично правен предмет, не само што не може да опстане ова кривично дело, туку не требаше ниту обвинетиот, Беким Хаџиу, и правното лице да бидат обвинети. Но, секако, се водеше постапката. Неправосилна е пресудата. Страните имаат право на жалба и ќе ги очекуваме одлуките од нив – рече тој.
Според адвокатот Алиспахиќ, за да се исполни битието на кривичното длео „фалсификување на исправа“, освен доказен материјал, потребен е и вешт наод.
– Во мојот завршен збор тоа го анализирав и од теоретска, и од компаративна судска пракса, каде што основниот елемент за ова кривично дело е постоење на изработена лажна исправа и употребена како вистинска. Во конкретнава ситуација ниту е изработена, ниту е употребена, а ниту постои. Така што, јас сум убеден, како правник и како адвокат на Хаџиу, дека оваа пресуда не може да опстане онака како што е изречена во конкретнава ситуација – посочи тој.
Обвинителот Владимир Милошевски рече дека Министерството за транспорт и врски воопшто не издало извод од лиценца за конкретниот автобус, ниту било поднесено барање, ниту била издадена.
– Тоа значи дека автобусот како што е напишано во обвинението, како што и Судот денеска при објава на пресудата кажа, покажувал пред надворешните управни органи извод од лиценца, а таков, за тој автобус, воопшто не бил издаден од надлежниот орган – рече обвинителот.
И адвокатот Алиспахиќ и обвинителот Милошевски, потсетија дека овој процес не се однесува на автобуската несреќа што се случи со конкретнитот автобус во Бугарија, кога загинаа 45 луѓе.