Гоце, тешки опинци газат по полето твое
„Тешките опинци“ што газат по „полето“ негово, ни знаат да го чествуваат, ни знаат да го почитуваат делото Гоцево.
Гоце Делчев светот го замислувал како поле за културен натпревар на народите. Ако замислиме дека тоа поле е Македонија, тогаш може да заклучиме дека неговата максима е точна до пола. Тука народите се натпреваруваат, ама тоа не го прават културно.
Денеска кога одбележуваме 150 години од раѓањето на Гоце Делчев ќе ги изоставиме другите народи, па ќе се посветиме на македонскиот и на бугарскиот. Поточно ќе се посветиме на политичките елити на двата народа, кои денеска се натпреваруваат токму за „полето“ кое го определува наследството на Гоце.
Да почеме со бугарските политичари.
Премиерот на Бугарија Кирил Петков положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во паркот „Борисов“ во Софија, а потоа најави дека ќе присуствува на целодневната церемонија во Благоевград, каде круната на низата од манифестации, ќе биде положување цвеќе на плоштадот „Македонија“. Во Благоевград ќе дојде и претседателот Румен Радев, кој ќе излезе од изолација. Медиумите објавија дека тој е негативен на ПЦР тестот, направен откако беше обелоденето дека неговата сопруга е позитивна на ковид-19. Значи Румен ќе ја напушти својата болна жена за заедно со Петков да продефилира по плоштадот во Благоевград, а потоа ќе дојде и во фоајето на Регионалниот историски музеј во градот, каде ќе биде претставена изложбата „Бесмртниот апостол Гоце Делчев“.
Да се вратиме во Македонија. Мислам на државата, а не на плоштадот во Благоевград.
Тука главната манифестација ќе се одржи во Скопје, разбирливо во црквата „Св. Спас“, каде се погребани посмртните останки на великанот. По пауза од неколку години, повторно се одржа заедничко чествување на Гоце, на македонската и на бугарската делегација. Супер? Цивилизиран потег? Па не сум баш сигурен.
Сè би било супер и цивилизирано, доколку и нашите претставници отпатуваа за Софија, а потоа со Петков и Радов се упатеа за Благоевград. Вака испаѓа дека Гоце е цел Бугар и само пола Македонец? Бидејќи Бугарите си организираат национално одбележување на датумот на кој е роден Гоце, додека Македонците си го делат чествувањето со шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска. ОК, да бидеме фер во Софија цвеќе положи македонскиот в.д. амбасадор Владимир Крстевски. Ако тоа воопшто може да се смета за некаков настан?
И толку. Или речиси толку.
Кога велам толку, мислам на тоа дека до тука оди нашата прослава на „најголемиот син на македонскиот народ“. Како да ни е незгодно да направиме нешто повеќе за Гоце? Нема манифестации, конференции, предавања, приредби, концерти, фестивали итн. Има некоја срамежливо најавена изложба во Музејот на македонската борба, слична манифестација има и во Архивот, а Министерството за образование и наука ќе доделува награда „Гоце Делчев“, ама не денеска туку подоцна во текот на месецов.
За разлика од државата, левичарскиот институт „Рацин“ на партијата Левица, организира трибина насловена како „Македонската кауза – 150 години од раѓањето на Гоце Делчев“, каде учество ќе земат истакнати претставници од академската фела. Од „Рацин“ исковаа и 150 монети со ликот на Гоце Делчев, симболизирајќи ги 150 години од неговото раѓање. Некој друг да исковал монети? Поштенски марки? Не? ОК, нема везе.
Гоце Делчев е даскал, социјалист, револуционер, космополит и никакo националист. „Тешките опинци“ што газат по „полето“ негово, ни знаат да го чествуваат, ни знаат да го почитуваат делото Гоцево.