Гоце Делчев

Од денешен аспект интересен е фактот што речиси првиот споменик во Македонија по ослободувањето во 1945 година е овој на Гоце Делчев. И е дело на бугарски уметник (иако со „мешано“ потекло). Останува некои други генерации подетално да ја истражат целата сторија за споменикот, за уметникот, кој и како го поставил итн. Како и да ѐ, останува и фактот дека за многу генерации овој споменик бил прва и веројатно незаборавна средба со македонскиот револуционер Делчев.

2,127

Без намера да запаѓам во национални или не дај боже националистички реторики, сепак 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев е датум којшто во светлината на актуелните бугарско-македонски современи приказни станува уште поинтересен, дури и од уметничка страна. А едновремено, споменикот на овој великан – дело на бугарскиот скулптор Љубомир Далчев – е веројатно првата визуелна претстава за Делчев кај многу повоени генерации, иако споменикот е денес речиси заборавен и често подложен на секакви малограѓански изживувања. Како и за човекот кому му е посветен, и за споменикот постојат барем две верзии како истиот пристигнал во Скопје: едната (на Wikipedia на македонски јазик) вели дека споменикот е подарок од градот Софија на Скопје од 1946 година[1]; втората верзија, бугарската, во единицата за скулпторот Далчев, говори за „Паметник на Гоце Делчев в Скопие, подарен от Любомир Далчев през 1966 г.“[2] Од друга страна, постои една фотографија на група луѓе фотографирани пред овој споменик, а во легендата стои: „Сестрите и Потомците на Гоце Делчев пред неговиот споменик во Градскиот парк во Скопје (1946).“ И сепак, за да нема неизвесности како за некои други детали за Делчев, споменикот дефинитивно датира од 1946 година. Меѓутоа, интересен е фактот што на 2 август 2019 година, на бугарскиот сајт bTV се појави прилог насловен „Гоце Делчев с неизвестен досега паметник в Скопие“ од новинарката Теодора Енчева, каде таа дури тогаш го „открива“ овој споменик. Околу споменикот се плете приказна дека братот на уметникот, поетот Атанас Далчев, престојувал во Скопје со задача да го монтира споменикот на Делчев по желба на Љубомир Далчев, а е цитиран извесен Огнен Христов, докторанд за творештвото на Далчев, кој смета дека „Споменикот е монтиран во текот на 66-та и целосно се разликува од стилот на Љубомир Далчев во времето на 60-тите. Сакал да се допадне на народот и да го прифатат“![3]

Можеби ова е и (нај)точната констатација за овој споменик, но не во онаа пежоративната смисла којашто овој бугарски историчар на уметноста, свесно или не, ја користи. Споменикот секако е класична фигура, монументална скулптура во вистинската смисла на зборот и за тоа време е веројатно единствениот можен творечки исказ за Делчев. Далчев се определил за претставата на Делчев како комита, револуционер, неговата де факто животна улога и претстава сѐ уште жива кај македонскиот народ. Сепак, монументалниот споменик на Делчев во Скопје не е карактеристичен за творештвото на уметникот. Следствено тој, на пример, не се ни спомнува во повеќето реперни книги за бугарската скулптура од тоа време (на пр. Българска скулптура 1878-1974, Национална художествена галерия, 1975, София, стр. 81). Како и да ѐ, ова е прв споменик на револуционерот Делчев во Македонија и, се чини – најдобар: стилски кохерентен, одмерен и без патос или патетика, сталожен во наративноста… По него се направени уште неколку споменици на Делчев (Струмица, Делчево, плоштад Македонија во Скопје и др.), како и во Бугарија, секако, но се чини дека ова дело на Љубомир Далчев најдостоинствено го претставува ликот на револуционерот, стамено и длабоко рефлексивно, занатски одлично изведено.






Едновремено, и личноста и делото на самиот уметник Љубомир Далчев се посебно интересни. Далчев е роден на 27 декември 1902 година во Солун, во семејството на кукушкиот – ете повторно врска со Делчев! – правник Христо Атанасов Далчев и прилепчанката Викторија Матеева Димшова. Тој е најстариот од браќата, поетот Атанас Далчев и на архитектот Борис Далчев. Во 1926 година завршил живопис во Сликарската академија во Софија во класата на проф. Никола Маринов. Две години подоцна завршил скулптура на Римската академија на уметности кај проф. Лупи, во истиот клас со Алберто Ѓакомети и Сретен Стојановиќ. Продолжил и завршил специјализација по пластична анатомија кај проф. Анри Мез во Школата за убави уметности в Париз во 1929 година. Во 1979 година со сопругата Ана Далчева (исто така скулпторка) емигрира во САД, каде умира во 2002 година Бугарија му се одолжила на уметникот со повеќе одликувања и награди: ордените „Народна Република Бугарија“, II степен (1959), „Кирил и Методиј“, I степен (1963), Димитровска награда (1971) и орден „Стара Планина“, I степен – во 1989 г. Го добил и почесното звање „Народен уметник“ (1971).

Не можев да најдам податок дали ние на каков и да ѐ начин сме му се одолжиле на Далчев. Дури и македонската историја на уметноста многу ретко го спомнува овој уметник и неговото дело во Градскиот парк во Скопје, како што впрочем денес се целосно заборавени многу историски генерации македонски уметници. Од денешен аспект интересен е фактот што речиси првиот споменик во Македонија по ослободувањето во 1945 година е овој на Гоце Делчев. И е дело на бугарски уметник (иако со „мешано“ потекло). Останува некои други генерации подетално да ја истражат целата сторија за споменикот, за уметникот, кој и како го поставил итн. Како и да ѐ, останува и фактот дека за многу генерации овој споменик бил прва и веројатно незаборавна средба со македонскиот револуционер Делчев.

 

извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

 

Поврзани содржини