ГО ЗАМЕНИЈА ШТИП СО МАРОКО Текстилците и транспортерите први на удар на германската рецесија

Меѓународниот монетарен фонд во својата последна прогноза наведе дека германската економија има негативен раст од 0,5%. Информациите кои доаѓаат од Германија се дека сѐ повеќе компании се затвораат поради проблеми со недостиг на суровини, но дека оптимизмот се враќа.

3,712

Ако се оствари најавениот пад на германската економија, проблеми ќе имаат и македонските компании кои соработуваат со германските компании, а тоа ќе се одрази и на трговската размена во која Германија е најголем партнер на земјава, велат економисти и бизнисмени.

Според нив, првите резултати се видливи со намалувањето на нарачките од германските компании и префрлањето на бизнисите во подрачја каде што добиваат пониски цени, како и намалување на камионскиот превоз, а ефекти подолг период се чувствуваат и во автомобилската индустрија.






Тие сметаат дека состојбата треба да се следи и ако потрае треба да се преземат мерки од страна на владата да не се доведат компаниите во состојба да затворат поради немање нарачки, а работниците да се најдат на улица или на социјални мерки кои скапо ќе ја чинат државата.

Владата ја има предвид состојбата, барем како што напиша на социјалните мрежи, вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој сепак не посочи дека ќе се преземаат некакви мерки за помош на компаниите.

Меѓународниот монетарен фонд во својата последна прогноза наведе дека германската економија има негативен раст од 0,5%. Информациите кои доаѓаат од Германија се дека сѐ повеќе компании се затвораат поради проблеми со недостиг на суровини, но дека се враќа оптимизмот. Последното истражување на минхенскиот ifo Институт покажува дека во септември, 24,0% од анкетираните компании пријавиле недостиг на материјал, што е намалување од 24,4% во август. Ситуацијата останува најпроблематична во автомобилската индустрија, каде нешто помалку од 53% од компаниите пријавиле тесни грла во снабдувањето со суровини и репроматеријали.

Експертите, сепак, предупредуваат дека рецесијата во Германија може да претставува „ризик за предвидување“. Ако не трае долго, нема да влијае на македонскиот извоз и германските директни странски инвестиции, но ако трае – сѐ е можно: извозот ќе се намали, а новите странски директни инвестиции ќе се одложат или воопшто нема да се реализираат.

Економистот Маријанчо Николов вели дека економијата на земјава има значителна, ако не и доминантна, трговска и финансиска изложеност кон Германија бидејќи таа е најголем трговски партнер на земјава со кој имаме суфицит.

– Да се надеваме дека мерките кои ги најави германската влада ќе имаат ефекти врз тамошната економија и ќе придонесат за постепено враќање на позитивен раст. Но ако оваа економија со која имаме суфицит во трговската размена забележи пад, и ние ќе имаме проблеми. Најмногу ќе страдаат компаниите кои се директно поврзани со лон производство, но ќе страда и трговската размена, а и платниот биланс. Затоа будно треба да се следи состојбата кај нашиот најголем трговски партнер и навреме да се преземат мерки за поддршка на компаниите за да не се доведеме во ситуација повторно да се оптовари социјалниот систем – вели Николов.

Тој смета дека владата треба добро да ја проанализира состојбата бидејќи трговската размена со Германија која е повеќе од 2 милијарди евра не е мала сума во однос на висината на Бруто домашниот производ кој се приближи на 14 милијарди евра.

– Владата треба да одлучи дали ѝ се важни компаниите и дали ќе реализира мерки кои ќе ги договори заедно со коморите, или ќе се одлучи да го оптовари социјалниот систем со отпуштени работници или технолошки вишок – додава тој.

Падот на германската економија најмногу го засега текстилниот сектор во земјава кој почна да ја губи работата и поради губење на конкурентноста во однос на земјите од Северна Африка и од Далечниот Исток.

– Доколку германската економија забележи пад, тоа дополнително негативно ќе се одрази врз нашето работење. Веќе имаме откажување на нарачките поради високата цена на нашиот производ предизвикана од трошоците што вештачки се наметнаа со порастот на платите за да се задржат вработените и недостигот од работна сила. Европските компании, па и тие од Германија веќе го преселуваат производството од земјава на северот од Африка, во Мароко, каде што добиваат далеку пониска цена од нашата. Поради ова голем број од компаниите се пред затворање. Дел веќе затворија и се преселија во други дејности, а оние што останаа тешко ќе се изборат со состојбата доколку таа долго трае – вели Ангел Димитров од конфекцијата „Мода“.

Погодена од состојбите во германската автомобилска индустрија ќе биде и домашната.

– Објавените податоци за расположението на германските производители покажуваат дека нешто помалку од 53% од компаниите пријавиле тесни грла во снабдувањето со суровини и репроматеријали. Ова е помалку во однос на август, но сепак е висок процент кој укажува дека германските производители на автомобили сè уште се соочуваат со значителни тесни грла во снабдувањето – велат од домашната автомобилска индустрија.

Намаленото производство не само во Германија, туку и во другите европски земји и запирањето на транспортот со Русија и со Белорусија го намали и обемот на работа на македонските транспортери.

– Имаме намален обем на производство во сите европски земји и голема конкуренција од другите транспортери кои поради намаленото производство немаат работа и ги намалуваат цените. Проблеми имаме и со зголемувањето на цените на нафтата поради кризата во Израел и постоечката во Украина. Сето тоа влијае на намален обем на работа на транспортерите кој станува загрижувачки и поради зголемувањето на времетраењето на превозот, бидејќи дел од компаниите ги гаражираа камионите – вели Билјана Муратовска од „Макамтранс“.

И Институтот за политика и економија на Југоисточна Европа (ИПЕСЕ) пред два месеца објави анализа во кој констатира дека доколку проблемите на германската економија потраат и земјава ќе има проблеми. Пресметките на Институтот покажуваат дека економскиот раст за оваа година најверојатно ќе биде преполовен од 4% на 2% (меѓу другото, поради германската рецесија). Оптимизмот се заснова на фактот дека сè уште постои голем интерес на германските компании за инвестирање во економијата на Северна Македонија. Трговската размена меѓу двете земји во 2022 година достигна рекордно високо ниво од 4,8 милијарди евра, но годинава се забележува одредено забавување. Институтот оценува дека неповолната економска клима во Германија се одрази на работата на македонските транспортни компании. Од почетокот на 2023 година е забележан пад на обемот на превезени стоки со патен, железнички и воздушен транспорт. Само кај камионскиот превоз на стоки во првите три месеци од годинава е забележан пад од 15 отсто.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во објава на Фејсбук ги сподели прогнозите на ММФ за економиите кои се со највисоко учество во трговската размена на земјава и констатира дека негативниот раст на германската економија ќе влијае и на македонската економија.

„Проекциите за нашиот најголем извозен пазар Германија се дека економијата во 2023 ќе оствари реален пад од-0,5%, додека останатите земји со кои остваруваме најголема надворешно трговска размена проекциите се следни: Обединетото Кралство 0,5%, Грција 2,5%, Србија 2,0%, Кина 5,0%. Негативниот раст, односно падот на економијата на моторот на ЕУ, Германија, е еден од клучните фактори кои влијаат врз случувањата во нашата економија, и објективно силно влијае врз економската активност во нашата земја“, напиша Битиќи на Фејсбук.

Тој уверува дека Владата ќе работи на остварување на позитивен економски раст од 2,5% до крајот на годинава, но не кажа дали ќе има некаква помош за компаниите кои ќе бидат погодени од состојбата во Германија.

Лани обемот на трговска размена на земјава со Германија изнесуваше 4,778 милијарди евра, а во периодот јануари-август годинава обемот на размена изнесува 3,187 милијарди евра, што споредено со лани кога се остварени 3,073 милијарди евра, е пораст од 3,7%.

Поврзани содржини