ГО ЗАДРЖАВМЕ СТАБИЛЕН ДЕВИЗНИОТ КУРС Гувернерката оценува дека инфлацијата се намалува, а девизните резерви растат
Од Народната банка истакнуваат дека според среднорочните проекции на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се очекува инфлацијата во глобални рамки и во регионот на Западен Балкан, вклучително и кај нас, и натаму да се намалува, но малку побавно во споредба со претходно.
Народната банка е посветена на одржувањето на ценовната стабилност, како важен предуслов за раст на економијата, изјави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на 11. Регионален самит на гувернери, министри за финансии и директори на даночната администрација, „Финансиската стабилност во услови на слаб економски раст во еврозоната“, што се одржа во Бечиќи, Црна Гора.
Според неа, кризите во изминатите неколку години, како пандемијата, енергетската криза и геополитичките тензии претставуваа вистински тест за централните банки.
– Економиите со стратегија на стабилен курс на домашната валута, како нашата, се справуваа и со големи притисоци за задржување на стабилноста на домашната валута. Сепак, од крајот на 2022 година се забележуваат поповолни трендови и кај инфлацијата, и на девизниот пазар. Така, просечната инфлација во регионот на Западен Балкан од 16% во октомври 2022 година во првиот квартал оваа година е намалена на околу 3,5%. Исто и кај нас дојде до позначително забавување на инфлациски трендови, а стабилноста на девизниот курс беше задржана, при што нивото на девизните резерви беше зголемено за 40% во споредба со претпандемичниот период. Сепак, потребна е внимателност – рече Ангеловска-Бежоска.
Од Народната банка истакнуваат дека според среднорочните проекции на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се очекува инфлацијата во глобални рамки и во регионот на Западен Балкан, вклучително и кај нас, и натаму да се намалува, но малку побавно во споредба со претходно.
За оваа година, ММФ предвидува дека просечната инфлацијата на Западен Балкан ќе забави сведувајќи се на 3,8%, а за наредната година на 2,7%. Сепак, иако се намалени, ризиците уште постојат и затоа е потребно натамошно внимателно следење на динамиката и факторите кај инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики.