ГО ВРАЌАМЕ „ЧАЛАМОТ“ НА РАБОТНИЧКИ, ВЕТИ ГЕРАСИМОВСКИ Документарец и нова сала за најтрофејниот клуб
На премиерата на документарецот присуствуваа кошаркарски легенди и поддржувачи на најтрофејниот македонски клуб.
Синоќа во хотел „Холидеј Ин“ беше прикажана премиерата на документарниот филм „Вратете ни го чаламот“, посветен на најтрофејниот македонски кошаркарски клуб – КК Работнички.
На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кошаркарски легенди, членови на тимот на Работнички и претставници од спортските федерации.
Во своето обраќање, Герасимовски истакна дека филмот не е само потсетник на славните времиња, туку и повик за враќање на духот на клубот.
– Вечерва не се присеќаваме само на спомени, туку го обновуваме чаламот што со децении го красеше Работнички. Оваа сала е полна со луѓе кои го создале и го поддржувале клубот, со легенди што го направиле голем и со нова генерација што ќе го врати неговиот сјај во Центар – изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Филмот, кој ги прикажува најголемите успеси и историски моменти на клубот, е во продукција на „Слобода филм“, а финансиски е поддржан од Општина Центар.
Според Герасимовски, ова е само првиот чекор во процесот на враќање на „чаламот“ на Работнички, а во наредниот период ќе следува и нова модерна сала која ќе му овозможи на клубот достојни услови за тренинг и натпревари.