„ГО ВОДИМЕ ЦЕНТАР СО ГРАЃАНИТЕ, ПАРТИСКИТЕ ИНТЕРЕСИ СЕ НА СТРАНА“ Герасимовски зборуваше за менаџирањето на општината

Немаме мнозинство во Советот, но со домаќинско работење и добро менаџирање успеавме да покажеме дека сите добри предлози, без разлика од која советничка група доаѓаат ги вметнуваме во програмите и буџетите на општината, и потоа ги реализираме. Четири години немавме мнозинство, а претседателот на Советот е од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, функциониравме одлично, рече актуелниот градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски додавајќи дека тоа било потврдено и од самите советници.

151

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ Горан Герасимовски, во гостувањето на Канал 77 потенцираше дека Центар е пример како треба да се води една локална самоуправа, без политика, со работа исклучиво во интерес на граѓаните.

– Локалната самоуправа треба да се води исклучиво во интерес на граѓаните. Политиката треба целосно да се тргне настрана, така и постапувавме. Ние водевме сосема поинаков начин на функционирање во општината. Немаме мнозинство во Советот, но со домаќинско работење и добро менаџирање успеавме да покажеме дека сите добри предлози, без разлика од која советничка група доаѓаат ги вметнуваме во програмите и буџетите на општината, и потоа ги реализираме. Четири години немавме мнозинство, а претседателот на Советот е од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, функциониравме одлично – рече Герасимовски додавајќи дека тоа било потврдено и од самите советници.






Тој, истакнува дека е среќен што овие четири години заедно со граѓаните ја водел општината, и заедно со нив е направена новата програмата.

– Со нив ќе продолжиме да ја водиме општината и понатаму, а партиите и партиските интереси ќе бидат целосно отстранети од Советот – вели Герасимовски.

Герасимовски, потенцираше и дека неговата кампања не трае 20 дена, туку 4 години.

– Ние сме постојано на терен, ние сме секојдневно со граѓаните. Заедно со граѓаните ги креираме програмите преку буџетски форуми, преку голем број на анкети, средби во маалата. Новата програма планираме од почетокот на ноември да ја спроведуваме – додаде Герасимовски.

Градоначалникот на Центар вели дека во изминатите четири години се реализирани 13 милиони евра капитални проекти, „со сопствени средства на граѓаните, инвестирани во нови градинки, проширување на капацитети на училиштата, ново осветлување, ново зеленило”.

Тој, рече дека се оди и чекор понапред, задолжувањата што биле наследени, скоро целосно се исчистени, а дека следната година општината нема да има никакво задолжување.

– Во новата програма, предвидени се два затворени базени, кои ќе бидат наменети за потребите на нашите ученици и ќе се користат бесплатно. Планираме, што е можно побрзо, уште од првата година од мандатот да ги отпочнеме капиталните проекти. Инвестираме многу во училиштата. Скоро сите се реконструирани, спортски сали, внатрешни и надворешни спортски терени, училници. Следниот чекор е зголемување на просторно-капацитетните можности на училиштата, за да не дозволиме ниту едно дете да оди во втора смена. Целта е во сите училишта наставата да се одвива едносменски – рече Герасимовски.

Во гостувањето на Канал 77, Герасимовски информираше дека за сите првачиња четири години се обезбедуваат бесплатни ранци и училишен прибор.

– Од оваа година, воведовме и бесплатни униформи за сите ученици од прво до деветто одделение во сите осум училишта. Како што веќе најавивме, ќе обезбедиме бесплатни здрави оброци за учениците од прво до четврто одделение, како и бесплатни екскурзии за учениците од петто до деветто одделение, кои целосно ќе ги покрива општината. Сето ова е со цел децата да ги запознаат убавините на нашата Македонија – додаде Герасимовски.

Поврзани содржини