ГО УБИЛ БРАТОТ СО МЕТАЛЕН ПРЕДМЕТ И ГО ЗАКОПАЛ ВО ШУПА Признание за бруталното убиство во Кавадарци
Полицијата го открила телото на убиениот во шупа, закопано од неговиот брат, осомничениот го признал убиството по приведувањето.
Убиството што пред десет дена се случи во Кавадарци е целосно расчистено, а полицијата поднесе кривична пријава за убиство против 43-годишниот С.И. од Кавадарци, кој е осомничен дека со метален предмет го убил својот брат И.И. (42), а потоа телото го закопал во помошен објект од семејната куќа, соопшти МВР.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, кривичната пријава била поднесена денеска (6 август 2025) од страна на ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци.
Трагедијата се случила на 27 јули 2025 година, во семејниот дом во Кавадарци. Според полицијата, С.И. му нанел смртоносни повреди со метален предмет на неговиот брат И.И., по што телото го закопал во шупа во дворот од заедничката куќа, а случајот бил откриен откако нивната сестра пријавила исчезнување.
Сестрата В.О. (44) на 5 август 2025 година околу 11:00 часот пријавила во ОВР Кавадарци дека нејзиниот брат И.И. е исчезнат. Само два часа подоцна, околу 13:00 часот, таа повторно се јавила во полиција и изјавила дека со сопругот откриле сомнителен ископ покриен со ровка земја во шупа во дворот од куќата на нејзините браќа.
По добиената пријава, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и екипа од Институтот за судска медицина, а по наредба на обвинителството, со помош на погребално претпријатие била откопана дупката и било пронајдено телото на И.И..
Полицијата веднаш започнала со оперативни проверки и во 14:40 часот, по добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, го привела С.И., кој при службен разговор во обвинителството го признал делото.
„Со ова целосно се расчисти случајот на убиство во Кавадарци. Поднесена е кривична пријава против С.И. за убиство по член 123 од Кривичниот законик. Против осомничениот ќе биде преземено понатамошно постапување во координација со надлежното обвинителство“, соопшти Министерството за внатрешни работи.