Ѝ ГО ТЕПАЛЕ СИНОТ ВО ЗАТВОР И Ѝ БАРАЛЕ ПАРИ Мајка од Струмица жртва на уцена од затвореници во Идризово
Според полицијата, А.Б. и А.Р. со незаконски внесени мобилни телефони од затворот комуницирале со мајка на друг затвореник преку „Фејсбук Месинџер“, од која барале месечна исплата од 1.200 евра.
Четворица мажи од Скопје, од кои двајца издржувале затворска казна, а двајца се нивни блиски роднини, се обвинети за изнуда и лихварство по драматична полициска акција во Струмица.
Како што соопшти СВР Струмица, поднесена е кривична пријава против А.Б. (31) и А.Р. (25), двајцата затвореници во Идризово, како и против нивните браќа Е.Б. (27) и Р.Р. (20), кои биле уапсени на лице место при примопредавање на пари.
Според полицијата, А.Б. и А.Р. со незаконски внесени мобилни телефони од затворот комуницирале со мајка на друг затвореник преку „Фејсбук Месинџер“, од која барале месечна исплата од 1.200 евра. Во замена, како што тврделе, нејзиниот син ќе добиел „заштита“ и подобри услови во затворот. За да ја натераат да плати, тие ѝ праќале видео повици на кои се гледало насилство врз синот.
„Ова е еден од поретките, но сериозно опасни случаи на организирана затворска уцена, во која од затворска ќелија биле спроведувани координирани уценувачки акции“, велат од СВР Струмица.
На 23 мај, според однапред договорен план, Е.Б. и Р.Р. се сретнале со мајката во Струмица за да ја земат договрената сума, која полицијата претходно ја обележала. Во моментот кога Е.Б. ги примил парите, бил уапсен, а Р.Р. се обидел да побегне, но веднаш бил фатен. Кај Е.Б. биле пронајдени пари во различни валути, за кои немал доказ за потекло.
Во исто време, полициски тимови спровеле претрес во затворските ќелии на А.Б. и А.Р. во Идризово и пронашле два мобилни телефони кои биле незаконски внесени.
„Истрагата покажа јасна координација меѓу лицата од надвор и затворениците, што укажува на сериозен безбедносен ризик во системот“, велат од Одделот за организиран и насилен криминал при МВР.
По приведувањето, Е.Б. и Р.Р. се изведени пред судија во Основниот суд Струмица, кој им одреди мерка куќен притвор. Против сите четворица се води постапка за изнуда и лихварство по Кривичниот законик.