ГО СНИМИЛ ПОЧЕТОКОТ НА ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“, МИСЛЕЛ ДЕКА Е АНИМАЦИЈА Женско лице од бендот ги разместило прскалките оти ѝ пречеле
20-годишниот Алберто Миладинов од Кочани сведочеше за кобната вечер во дискотеката „Пулс“, за тоа како успеал да се спаси, дека поминал со мали повреди и дека не се приклучува кон кривичниот прогон.
Чест гостин во дискотеката „Пулс“ сведочеше денеска дека во почетокот не го сфатиле пожарот сериозно и мислеле дека е некаква анимација, сѐ додека Панчо од бендот ДНК не повикал да излезат сите надвор. Мислеле дека лесно и брзо ќе биде изгаснат пожарот и дека ќе продолжи забавата. Но…
Ниту давале фискална, ниту барале лична карта
20-годишниот Алберто Миладинов од Кочани одел во „Пулс“ од својата 16-годишна возраст.
Како и другите сведоци, и тој рече дека знае само за еден влез во дискотеката и дека при влегувањето никогаш не му била барана лична карта. Тој потврди дека изгледот на дискотеката бил сменет во последната година после реновирањето, односно терасите со сепарињата биле отстранети, а во објектот имало повеќе осветление.
На критичната вечер платил влезница од 500 денари, за што не добил фискална сметка, а не добивал сметка ниту за купените пијалоци.
Тој рече дека во „Пулс“ присуствувал на настапи на танчерки што играле со оган. Потврди дека во дискотеката имало рации од полицијата, која најчесто доаѓала да провери дали имало малолетници, а тие си оделе пред да дојде рацијата.
– Како знаеле дека ќе има рација? – праша судијката.
Тој одговори дека знаеле преку другари, а од каде знаеле тие, нему не му е познато.
Кобната вечер Алберто во „Пулс“ дошол околу полноќ, купил билет, го дал на обезбедувањето, а друг член од обезбедувањето му ставил печат на раката, како знак дека има платена влезница. На влезот имало 4 лица од обезбедувањето.
– Знаев дека се од обезбедување оти стоеја пред вратата и регулираа кој влегува. Не сум сигурен дали имаа облека со соодветни ознаки. Не знам дали тие 4 лица и порано вршеле обезбедување. Можам да го именувам само Лазар Захариев Портокалот – рече Миладинов.
Имало и телефонски број на кој се вршеле резервации.
Снимал за стори на Инстаграм
– Нашата маса таа вечер беше прва веднаш пред бината. На бината беше опремата за музичарите, тапаните. Имаше поставено прскалки, на предниот дел од бината. Не видов кој ги поставил. Не видов кој ги активирал. Прскалките беа активирани во 2.32 часот. Знам за часот затоа што ги снимав пејачите, за да ставам стори на Инстаграм. На видеото се гледа како се запали мал дел од сунѓерот и така почна сѐ. Кога почна рефренот на песната, почнаа да прскаат прскалките и во последните секунди од прскањето се запали плафонот. Прскалките предизвикаа пожар. Се ширеше многу нагло. Ние во почетокот не сфаќавме колку е сериозна ситуацијата, си стоевме, мислевме дека е некоја анимација. Но, кога пејачот Андреј рече да излеземе, сфативме дека е сериозно и тргнавме да излегуваме – се сеќава тој.
Мислеле дека лесно и брзо ќе биде изгаснат пожарот и дека ќе продолжи забавата.
– Но, кога видовме дека брзо се шири, почнавме да излегуваме. Температурата беше висока, дишењето беше тешко. Беше задушливо и жешко, имаше многу чад. Сите нагло трнаа да излегуваат и се создаде многу гужва на влезот. Сите се туркаа, секој сакаше прв да излезе. Јас ја поминав првата врата и речиси се онесвестив пред втората врата. Имав маица на главата, некои ме фатија за рацете, мислам дека беше обезбедувањето и ме исфрлија надвор. Ме испрскаа со вода, се подосвестив. Го слушнав другарот Горан Јованов како се дере заглавен на самата врата, отидов и го извлеков. Па отидовме во болница – рече Миладинов.
– Како изгледаше извлекувањето? – праша обвинителот.
– Многу ми беше лошо, речиси бев во несвест, меѓу двете врати. Ме фатија двајца покрупни мажи и ме исфрлија надвор. Не сум сигурен дали тие беа од обезбедувањето – рече тој и додаде дека не препознава во судницата некого од тие што го извлекле.
Тој рече дека не видел дали некој употребил ПП апарат за да го гасне пожарот. Не видел ни дали пред пожарот во дискотеката влегла полиција, затоа што бил блиску до бината, но полиција видел надвор.
Гостинот Алберто не се приклучи кон кривичниот прогон
За другарот што го извлекол рече дека од тегнењето му се искршиле две коски на десната нога.
– Веднаш со моето возило отидовме во Кочани. Имаше многу гужва во болницата, па дојде брат му и отидовме во Штип – рече сведокот.
Алберто добил мали повреди и рече дека не се приклучува кон кривичниот прогон.
Тој одговараше и на вкрстени прашања од одбраната. Адвокатката Ивана Коцевска го праша дали видел кој ги позиционирал прскалките, а тој рече дека не знае.
Таа му посочи исказ даден во Јавното обвинителство, каде рекол дека „истите биле распоредени на бината од страна на женско лице од бендот. Таа само ги разместуваше прскалките кои веќе претходно ги поставило друго лице“.
– Мислам дека прскалките ѝ пречеа на сцената и затоа ги помести, а не дека таа ги позиционира – рече сведокот.
– Рековте пред судот дека не сте виделе како некој употребува ПП апарат, ама во исказот во Јавното обвинителство сте кажале „забележав дека откако настана пожарот едно лице се качи на бината и почна да го гасне со ПП апарат“. Што е точно? – праша Коцевска.
– Тогаш ми беа посвежи сеќавањата, ама сега е поминато многу време и не можам точно да кажам. Штом така сум изјавил, можно е и да имало некој што гаснел со ПП апарат – рече Миладинов.
Адвокатката го праша дали пред пожарот забележал полиција во објектот, а тој негираше. Коцевска му прочита дека во Јавното обвинителство кажал дека полицијата влегла, а многу малолетници се сокриле во тоалетот.
– Јас не видов полиција, тоа со криењето ми го раскажаа другарите – рече сведокот Миладинов.
Адвокатот Ванчо Шехтански го праша дали ја слушал музиката на ДНК, а сведокот одговори потврдно.
– Во исказот во Јавното обвинителство сте рекле дека во еден момент женско лице од бендот ги поттргна прскалките затоа што ѝ пречеле. Кое женско лице беше тоа? – праша адвокатот.
Сведокот рече дека не знае, а не знае ни која боја биле прскалките.