„ГО САКАМ МИРИСОТ НА ДЕПОРТАЦИИ НАУТРО“ Трамп најави „Чипокалипса“ во Чикаго, ќе ја испрати ли гардата?
Чикаго наскоро ќе дознае зошто (Пентагон) го викаме Министерство за војна, пишува американскиот претседател во објава на социјалните мрежи најавувајќи испраќање на Националната гарда за и агенти за имигранти како што веќе направи во Вашингтон и во Лос Анџелес.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја повтори својата намера да ја испрати Националната гарда во третиот по големина град во САД за да се справи со илегалните миграции пишувајќи дека го сака мирисот на депортации наутро. Под неговата објава стои шеговита фотомонтажа на која тој е прикажан како полковник Килгор од култниот филм „Апокалипса сега“ покрај градот Чикаго над кој летаат хеликоптери.
„Чикаго наскоро ќе дознае зошто се вика Министерство за војна“, додаде тој на социјалните мрежи.
Шеговитата фотографија меме беше насловена „Chipocalypse Now“ – збор кој ги спојува Чикаго и апокалипсата. Фразата, пак, „го сакам мирисот на депоратции наутро“ е парафраза на „го сакам мирисот на напалм наутро“ од филмот на познатиот режисер Френсис Копола.
Гувернерот на Илиноис, Џеј-Би Прицкер, го обвини Трамп за авторитарни амбиции.
– Претседателот се заканува со војна кон американски град. Тоа не е шега. Тоа не е нормално – изјави Прицкер, додавајќи дека „Илиноис нема да биде заплашен“.
Откако викендов потпиша извршна наредба за преименување на Министерството за одбрана во Министерство за војна, Трамп најави дека Чикаго е следниот град каде што ќе испрати федерални сили. Слични распоредувања веќе направи во Лос Анџелес и Вашингтон. Следни на списокот Трамп ги наведе Балтимор, Њу Орлеанс и Портланд.
Жителите на Чикаго веќе чувствуваат последици. Откажани се дел од прославите по повод Денот на независноста на мексиканската заедница. Организаторите ја објаснија одлуката со „заканата од федерално присуство“. Во некои квартови се делат летоци со упатства за правата на граѓаните при контакти со имиграциски агенти.
Во изјава за „Волстрит Џурнал“, адвокати предупредија дека евентуално користење на воени сили во внатрешни операции може да биде спротивно на законот Posse Comitatus, кој го забранува ангажманот на армијата за контрола на граѓаните.
Според најавите, градот Илиноис ќе поднесе тужба ако Трамп се обиде да ја активира Националната гарда без дозвола од државата.
Додека заканите ескалираат, мемето на Трамп доби стотици илјади прегледи.