ГО ПРИЈАВУВАЛ ВО ПОЛИЦИЈА ДЕКА МУ ТРОПАЛ ОД ГОРЕ Убиениот бил предупреден од полицијата да биде тивок
Повозрасниот демиркапиец неколку пати го пријавувал младиот сосед за тропање од горе, а денеска двајцата се пронајдени со прострелни рани. Ова го одговорија од МВР на прашање од МИА, во врска со убиството и самоубиството во Демир Капија.
– Последното пријавување е на 19 јануари годинава. Повозрасниот го пријавил помладиот, со поплака за тропање. Нарушени меѓусоседски односи, без некои инциденти, без контакти. Помладиот бил повикан и бил предупреден, како што е ред, кога има поплака. Соседи, смирете се, во таа смисла. Бил извршен разговор со него. Тепачки никогаш немале – појаснија од МВР.
Претходно, МВР излезе со информација дека демиркапијците со прострелни рани се на возраст од 72 и 34 години.
– Денеска во 06.50 часот во Полициската канцеларија Демир Капија било пријавено дека во нивните домови со прострелни рани биле пронајдени Б.М.(34) и М.К.(72), двајцата од Демир Капија. Смрт кај двајцата констатирал лекар од Итна медицинска помош, а во координација со јавен обвинител на местото се врши увид – соопштија од МВР.
Основното јавно обвинителство Кавадарци изврши увид на лице место, a телата на двете починати лица се дадени на обдукција. Прибрани се траги и докази кои ќе бидат предмет на вештачење.