Починатиот лидер на јужноафриканската политичка партија Обединето демократско движење, Чекеде Буфтон Пицо, како последна желба посакал да биде закопан во неговиот омилен „мерцедес“.
Политичарот починал минатата недела одејќи кон својот Е-500 – еден од многуте луксузни „мерцедеси“ што ги поседувал, но западнал во финансиски проблеми, па морал да ги продаде.
Последниот Е-500 го купил на старо. Не бил во возна состојба, но според неговата ќерка Сефора Лецвака, Пицо уживал само да седи внатре и да слуша музика.
– Никогаш не сме имале вакво барање и процесот беше тежок и стресен – изјави Табисо Мантутле – директор на погребалното претпријатие кое, сепак, успеало да го пикне целиот автомобил под земја.
Неговото семејство му ја исполнило последната желба. А, на погребот на прилично популарниот политичар, веројатно и поради пандемијата на коронавирусот, се појавиле мал број луѓе.