ГО ОШТЕТИЛ БУЏЕТОТ ЗА НАД 500.000 ЕВРА Кривична пријава за поранешен министер за култура
Пријавениот Х.И. предизвикал штета на Буџетот на министерство за култура по основ потпишани решенија и склучени договори во износ од 31.824.000 денари.
Управата за финансиска полиција, до Oсновното јавно обвинителство Тетово поднела кривична пријава против Х.И. поранешен министер за култура, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата од член 353-в ст.1 и ст.2 од Кривичниот Законик.
Според иницијалите, најверојатно станува збор за Хусни Исмаили, кој беше министер за култура од јуни 2019 година до август 2020 година. Тој беше поставен за министер од редовите на партијата Беса, која тогаш беше коалициски партнер на Владата на експремиерот Зоран Заев.
„Пријавениот Х.И. во својство на службено лице-министер во Министерството за култура, ја злоупотребил својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност на начин што во периодот од 27.06.2019 до 30.08.2020 година, на ден 24.07.2020 година, несовесно постапил на начин што потпишал решенија и склучил договори со правни и физички лица за финансирање проекти во вкупен износ од 31.824.000 денари, иако бил свесен дека со извршениот ребаланс на буџетот од страна на Владата на Р.С.Македонија објавен во Службен весник бр.126 од 15.05.2020 година, недостасуваат финансиски средства за веќе преземените тековни обврски во однос на годишните конкурси за финансирање проекти“, се појаснува во соопштението од Финансиската полиција.
Со горенаведените дејствија, се подвлекува, пријавениот Х.И. предизвикал штета на Буџетот на министерство за култура по основ потпишани решенија и склучени договори во износ од 31.824.000 денари.