Го копаат националното богатство, а државата од нив наплаќа само 8.000.000 евра годишно
Најголем надомест плаќаат рудникот Саса, 2,2 милиони евра годишно и рудникот Бучим 1,2 милиони евра годишно. Тие заедно плаќаат дури 43 отсто од вкупните пари што се слеваат во државната каса за експлоатацијата на суровините.
Концесија за користење минерални суровини имаат добиено вкупно 264 фирми во земјава. Издадени се вкупно 358 вакви концесии, а површината на земјата која е опфатена со овие концесии е 349квадратни километри, што е 1,4 отсто од вкупната територија на државата, покажува истражувањето и базата на податоци на доделени концесии за минерални суровини за 2019 година што го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Според изтражувањето, вкупно се експлоатираат 50 видови минерални суровини. Најмногу концесии се издадени за експлоатирање на варовник, 110, за вода, 47 и за песок и чакал 43 концесии.
Територијално, најмногу концесии се издадени за експлоатација на суровини на територијата на општина Прилеп, вкупно 32. Следат општина Гостивар со 21 концесија, Струга со 18 концесии и Сопиште со 15 концесии.
Најмногу концесии по девет, имаат Цементарница УСЈЕ од Скопје и градежната фирма Гранит од Скопје. Следна фирма, со шест концесии е МИСА-МГ од Скопје, а пет концесии има Кнауф Радика од Дебар.
За добиените концесии се плаќа надомест по две основи: за користење на површината и за експлоатираните количини. По првата основа, годишно се прибираат само околу 800.000 евра, додека по втората основа, за количината на експлоатираната суровина се прибираат 7,4 милиони евра. Или вкупно по двете основи се прибираат околу 8,2 милиони евра.
Најголем надомест плаќаат рудникот Саса, 2,2 милиони евра годишно и рудникот Бучим 1,2 милиони евра годишно. Тие заедно плаќаат дури 43 отсто од вкупните пари што се слеваат во државната каса за експлоатацијата на суровините. Трета е ЕСМ со надомест од 872 илјади евра.
Инаку, од сите 358 доделени концесии, само 19, односно 5,3 отсто не го платиле пресметаниот надоместок за користење на просторот за 2019 година, додека само за три концесии или за 0,8 отсто од сите концесии за 2019 година не е платено надомест за експлоатација.
Кога станува збор за големината на површината од која се експлоатираат суровините, најголема концесиска површина од 32 квадратни километри има државната ЕСМ за експлоатација на јаглен. По неа со површина од 29 квадратни километри има Енергетика Пела за експлоатација на олово, цинк, злато, сребро и бакар. Следуваат Скопски легури кои експлоатираат манган на концесиска површина од 24 квадратни километри.