„ГО КОЛЕА СВОЈОТ НАРОД КАКО ШТО НИ ТУРЧИН НЕ ГО КЛАЛ!“ Како Септемвриското востание му ја симна маската на Тодор Александров
Биле убиени голем број левичари востаници против бугарскиот диктаторски режим, воспоставен со Деветојунскиот преврат во земјата. Во масакрите учествувала и ВМРО на Александров, иако претходно имала договор со востаниците. Меѓу убиените бил и Тодор Чопов, внукот на Гоце Делчев, кој бил еден од преговарачите со ВМРО.
На денешен ден во 1923 година, под раководство на Комунистичката партија на Бугарија, е кренато масовно востание во Бугарија и во Пиринска Македонија, познато во историјата како Септемвриско востание, насочено против режимот воведен со воениот преврат во земјата од 9-ти јуни истата година. Целта на востанието било воспоставување „работничко-селска влада“ во земјата. Современата бугарска историографија овие настани го нарекува уште Септемвриски бунтови. Бугарската марксиситичка историографија до деведесеттите години ова востание го нарекуваше антифашистичко, а режимот на Александар Цанков го сметаше за фашистички, но повеќето бугарски историчари по 1989 година го негираат фашистичкиот карактер на владата воспоставена со Деветојунскиот воен преврат.
Првичните планови биле востанието да се крене веднаш по Деветтојунскиот преврат и атентатот врз премиерот Александар Стамболиски, меѓутоа по големите спорови и дискусии по ова прашање, на крајот, под влијание на Коминтерната, било решено востанието да се крене во септември 1923 година. Во ова востание, покрај членовите на БКП, учествивале и приврзаниците на соборената Земјоделска партија на Стамболиски. Востанието имало поддршка и кај Македонците во Пиринска Македонија, пред сè кај членовите и симпатизерите на БКП.
БКП пред почетокот на востанието се обидела да ја привлече на своја страна и ВМРО на Тодор Александров, или ако тоа е невозможно, барем да ја неутрализира. Таквата возможност се гледала во создавањето на едно левичарска струја внатре во Организацијата, која била предводена од бивши членови на Серскиот револуционерен округ, блиски до Јане Сандански, како и членови на ВМРО на кои им биле блиски комунистичките идеи. Во полза на тоа оделе и не толку добрите односи меѓу владата на Александар Цанков и раководството на ВМРО по прашањето за подобрување на односите меѓу Бугарија и Кралството на СХС.
Сето тоа придонело ВМРО во преговорите со БКП да вети дека ќе остане неутрална за време на востанието и дека ако тоа успее, ќе ја признае новата комунистичка власт. Но како услов за својата неутралност раководителите на ВМРО го поставиле барањето во Пиринскиот дел на Македонија да нема востанички акции. Дури еден дел од левото крило на Организацијата на чело со Алеко Василев-Пашата, активно го помагале Септемвриското комунистичко востание.
По започнување на борбите еден одред од околу 130 вооружени луѓе на чело со Тодор Чопов и Димитар Ацев се упатил кон бугарскиот град Дупница на помош на востаничките сили, придржувајќи се на договорот да не се разгорува борбата во Горна Џумаја и другите околии во Пиринска Македонија. Откако добиле известување дека востанието во Дупница било прекинато, одредот се поделил на неколку групи, од кои една заминала за Разлог, а другата за Горна Џумаја.
Власта на востаниците се проширила и на гратчето Банско и на околните села: Белица, Добриништа, Бачева, Елешница, Годлево, Горно Драглиште, Дебарско и Долно Драглиште. Меѓутоа, ваквата состојба траела мошне кратко. На 24 септември раководителите на востанието дознале дека во многу краеви на Бугарија востанието воопшто не било кренато, а таму каде што избувнало во поголем број случаи брзо било задушено.
Согледувајќи ја безизлезната состојба во која се нашло, раководството на востанието донело одлука да преговара со оружените сили на ВМРО на Александров. Преговорите помеѓу востаниците и ВМРО започнале на 24 септември при што бил постигнат договор според кој востаниците го предале оружјето, со ветување дека нема да бидат убиени. Договорот влегол во сила на 25 септември, така што борбите завршиле, а единствено група востаници, меѓу кои Атанас Стајков, Георги Рачев и Георги Караџов, не го предале оружјето и создале нелегална чета која дејствувала на планината Рила.
По овие настани бугарските власти започнале голем прогон на востаничките лидери и учесниците во Септемвриското востание. Во прогонот активно се вклучиле и вооружените чети на ВМРО на Тодор Александров, и покрај постигнатиот договор со востаничките лидери. На поголемиот дел од водачите на востанието им биле изречени смртни пресуди, но благодарение на наклоноста на Алеко Василев-Пашата, дел од нив се спасиле. Дел од востаниците пребегале преку граница, во тогашна Југославија.
Од страна на четите на ВМРО биле убиени голем број востаници: браќата Борис, Кирил и Димитар Костовски од село Кочариново, Коста Сандев од село Зарево, Солунско, Никола Иванов од Хисарлак, Сотир Лазаров и Јанчо Хајдушки од Горна Џумаја, Игнат Николов од Цариброд, Васил Коритаров од Босилеградско, Ташко Малев, Јордан Клинчаров и Атанас Георгиев од Горна Џумаја, Иван и Георги Савов од Ќустендил, Стефан од Одринско, Петар Ичков од Горна Џумаја, Петар Здравков од Велес, Евгениј Георгиев, Сотир Календерски и Иван Марков од Горноџумајско, Никола Тодоров Нучков и Стојко Стоилов од Горна Џумаја, Ристо Стојков, Ѓорѓи Иванов Хаџијски, Борис Давитков, Илија Катачки, Методи Мазнев, Петар Димитров.
Биле масакрирани раководителите на Окружниот комитет на БКП во Горна Џумаја. Иван Илиев бил убиен истиот ден на 23 септември пред очите на неговата сопруга. Коста Сандев, раководител на воениот одред бил ѕверски убиен на 26 септември 1923 година. Тодор Чопов, внукот на Гоце Делчев, кој бил еден од преговарачите со ВМРО на Александров, бил убиен на 27 септември истата година.
Од страна на припадниците на ВМРО, Михаил Монев (зет на Тодор Александров), Васил Мечкуевски и Иван Караџов, во Горна Џумаја биле убиени комунистите: Димитар Ацев – учител, Никола Лисичков – адвокат и нотарот Стефан Велинов. Тие биле обесени, а нивните тела биле оставени да висат неколку дена во градот. Ноќта меѓу 9 и 10 октомври 1923 година на во центарот на Горна Џумаја биле направени четири бесилки за Ацев, Лисичков, Велинов и Илија Илиев. Првите тројца биле обесени, додека Илиев, кој бил тешко болен, терористите од ВМРО го убиле пред неговиот дом. Четворицата убиени биле погребани во иста гробница во Горна Џумаја, која народот ја нарекол „Комуна”.
Крвавото задушување на Септемвриското востание ѝ дала можност на владата на Цанков да се претстави пред западниот свет како борец против комунистичката опасност и да стекне политичка поддршка, и покрај начинот на кој дошла на власт. Бројот на жртвите во востанието е спорен. Историографијата од времето на комунистичка Бугарија го проценувала на околу 30.000, но подоцнежните историчари го ревидираат тој број на најмногу 5.000 убиени. Сепак, никој не ја негира суровоста во задушувањето на востанието. „Го колеа својот народ како што никогаш ниту Турците не колеле“ – вели еден од преживеаните сведоци на овие крвави настани во своите сеќавања.
Учеството на ВМРО на Тодор Александров во превратот од деветти јуни, а подоцна и во задушувањето на Септемвриското востание, дефинитивно ја разоткрила нејзината улога во очите на широките народни слоеви во Пиринскиот дел на Македонија и сред македонската емиграција во Бугарија. Со тоа паднала маската од лицето на оваа организација. Прокламираните принципи и цели на ВМРО на Александров дека се бори за самоопределување на македонскиот народ, за своја самостојна државна единица, наводно врз принципите на старата Македонска револуционерна организација од времето на Гоце Делчев, по Септемвриските настани загубиле секакво значење. Вака разоткриената организација на Тодор Александров, а и подоцна, кога по неговото убиство кога на негово место дојде Ванчо Михајлов, оваа организација не можеше да ја крие својата активност во корист на најреакционерните влади и на самиот царски двор на бугарската држава. Оттогаш, па до мај 1934 година, кога оваа организација беше растурена и забранета, во Пиринскиот дел од Македонија владееше отворен терор кој беше раширен низ цела Бугарија. Преку таа терористичка активност во демократскиот и прогресивен печат во странство, Бугарија беше жигосана како земја која го спонзорира тероризмот и како држава без никаков правен поредок.