ГО ДОЧЕКА ПРОЕКЦИЈА НА ЏЕФРИ ЕПШТАЈН НА ВИНДЗОР Трамп е единствениот американски претседател во втора државна посета на Велика Британија
И покрај големото обезбедување, додека Трамп беше на аеродромот, активисти кои протестираат против државната посета на американскиот претседател синоќа проектираа негови фотографии и видеа со покојниот финансиер Џефри Епштајн, обвинет за сексуални злосторства, на една од кулите на замокот Виндзор.
Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна синоќа во државна посета на Велика Британија, објави Би-Би-Си. Тој е придружуван од неговата сопруга Меланија Трамп.
Ова е втората државна посета на Трамп на Велика Британија. Првата се одржа во 2019 година, за време на неговиот прв претседателски мандат. Тогаш Трамп беше гостин на кралицата Елизабета Втора, која почина во 2022 година, а сега негов домаќин ќе биде нејзиниот син, кралот Чарлс Трети.
САД и Велика Британија се блиски сојузници и претставниците на двете земји често зборуваат за „специјален однос“ меѓу нив.
Авионот на Трамп „Ер Форс Уан“ слета на аеродромот Станстед во Лондон вчера. Американскиот претседател беше пречекан од новата британска министерка за надворешни работи Ивет Купер.
Посетата денеска и утре ќе биде обележана со голем број церемонијални настани.
Пред да замине од Вашингтон вчера, Трамп рече дека е „голема чест“ за него да стане првиот американски претседател кој е по втор пат поканет на државна посета на Велика Британија.
И покрај големото обезбедување, додека Трамп беше на аеродромот, активисти кои протестираат против државната посета на американскиот претседател синоќа проектираа негови фотографии и видеа со покојниот финансиер Џефри Епштајн, обвинет за сексуални злосторства, на една од кулите на замокот Виндзор.
Локалната полиција соопшти дека уапсила четири лица во врска со случајот.
Британската активистичка група „Led by Donkeys“, чие име беше напишано за време на проекцијата која траеше неколку минути, често организира хумористични кампањи за да ги повика политичарите на одговорност.

Епштајн изврши самоубиство во затвор во 2019 година додека чекаше судење по обвинението за трговија со малолетни девојчиња. Случајот беше отфрлен по неговата смрт.
Минатата недела, британскиот амбасадор во Вашингтон, Питер Манделсон, беше отпуштен поради неговите врски со Џефри Епштајн.
Претседателот на САД, исто така, е вмешан во скандалот, но тој негира каква било вмешаност во наводните злосторства на покојниот американски милионер.
Се очекува илјадници луѓе денеска да протестираат во Лондон против втората државна посета на Трамп на Велика Британија, за време на која тој планира да го избегне главниот град и публицитетот воопшто, според медиумите.
Денеска британскиот крал Чарлс и кралицата Камила треба да ги пречекаат Трамп и неговата сопруга Меланија во замокот Виндзор, околу 35 километри западно од Лондон.