ГО ЈАВАМЕ КОВИД-БРАНОТ, НО ДАЛИ ЌЕ СКОКНЕМЕ ЖИВИ НА БРЕГОТ? Епидемиологот Даниловски вели дека пикот е достигнат

Бројките може повторно да почнат да растат, но не верувам дека ќе дојде до позначаен бран. Со секој нареден ден се зголемува и бројот на прележаните, но и на вакцинираните. И со секој изминат ден се намалува веројатноста епидемиската крива да поприми облик на шилец со висок врв, објаснува епидемиологот д-р Драган Даниловски за Плусинфо.

5,606

Кога ќе го достигнеме пикот со новозаразени од новиот бран на коронавирусот? Ова прашање беше прилично актуелно на почетокот на пандемијата, кога на прсти ги броевме новозаразените и кога министерот за здравство Венко Филипче редовно ги одржуваше прес-конференциите и ја информираше јавноста за состојбата со ковид-19 во земјава.

Но, сега, скоро 20 месеци подоцна, кога секојдневно броиме околу 400 новозаболени и кога последната прес-конференција на Филипче беше онаа кога понуди оставка поради пожарот во тетовската модуларна болница (која подоцна не му беше прифатена), прашањата за достигнувањето на пикот и за движењето на кривата веќе никој не ги поставува.






Од Министерството за здравство, пак, како воопшто да не го разбрале нашето прашање. Тие велат дека не се согласуваат со тоа дека народот во изминатиот период не е доволно информиран за силата на новиот бран и за евентуалното достигнување на пикот, па тврдат дека министерот Венко Филипче редовно ги одржува прес-конференциите кои се однесуваат на состојбата со коронавирусот во земјава.

– Министерот за здравство Венко Филипче редовно известува за состојбите во болниците, за епидемиолошката состојба и за процесот на вакцинација. Секојдневно известуваме за бројот на вакцинирани, како и за новодијагностицирани граѓани. Секој петок известуваме за морталитетот помеѓу вакцинираните и невакцинираните граѓани. Редовно одговараме на новинарските прашања кои се во интерес на граѓаните – велат од Министерството за здравство.

За да добиеме подобра слика за состојбата во којашто се наоѓаме, Плусинфо разговараше со епидемиологот д-р Драган Даниловски, кој, отворено, директно и недвосмислено, ни објасни дека земјава сè уште го „јава“ бранот на коронавирусот, но дека тој бран следниот месец ќе пристигне до брегот и дека тогаш морската шир конечно ќе се стабилизира.

Го јаваме бранот

Пикот на овој бран помина на 21 август, кога имавме 1.250 новозаразени лица со ковид-19. Оттогаш се бележи нагол пад, сè до 15 септември, кога опаѓањето започна да забавува, објаснува д-р Даниловски.

– Очигледно, почетокот на учебната година си го стори своето. Се зголеми интензитетот на пренесувањето, но од друга страна, како контратежа, се високата стапка на прележаност, но и вакцинираност со две дози. Затоа не дојде до запирање на надолниот тренд на бројките. Тие продолжија да опаѓаат, иако позабавено, во просек за 1,5 отсто дневно. Значи, сè уште сме во бранот кој започна кон крајот на месец јули. Ако би продолжило опаѓањето со вакво темпо, крајот би требало да го видиме некаде во ноември. Но, ова е само хипотетично и само под услов да остане и понатаму истиот интензитет на пренесување – објаснува д-р Даниловски.

Бројот на новоинфицирани веројатно умерено ќе се зголемува, но дефинитивно нема да дојде до преоптоварување на здравствениот систем.

Д-р Драган Даниловски Епидемиолог

Социјалните контакти претежно ќе се случуваат во затворен простор, а тоа ќе го зголеми интензитетот на пренесување на вирусот, предупредува епидемиологот.

– Бројките може повторно да почнат да растат. Но, не верувам дека ќе дојде до позначаен бран. Со секој нареден ден се зголемува и бројот на прележаните, но и на вакцинираните. И со секој изминат ден се намалува веројатноста епидемиската крива да поприми облик на шилец со висок врв. Мислам дека тоа ќе биде мошне израмнета крива со релативно ниско плато. Секако, работите малку се усложнуваат ако се земе предвид опаѓањето на ефективноста на вакцинита со текот на времето. Сепак, мислам дека тоа нема премногу да влијае на епидемиската крива. Бројот на новоинфицирани веројатно умерено ќе се зголемува, но дефинитивно нема да дојде до преоптоварување на здравствениот систем. Есенско-зимскиот бран ќе стивне штом се воспостави епидемиолошка рамнотежа, односно штом догори најголемиот дел од дополнително достапното „гориво“ во зимски услови на пренесување (преостанатите невакцинирани и непрележани, како и дел од вакцинираните на кои им „избледеле“ антителата). И напролет, „горивото“ тешко ќе биде достапно, за да може да се одржува силен „оган“. Во наредните години, сезонски ќе пламнуваат локалните „огнови“. Вирусот ќе се одржува на ниво на ендемичност. Ќе биде постојано тука, со нас и покрај нас, но ќе си бидеме веќе меѓусебно адаптирани. Оваа зима ќе му биде неговата „лебедова песна“ – објаснува епидемиологот.

Ако нема упатства, нема одговорност

Д-р Даниловски вели дека повеќе не е потребно воведување рестриктивни мерки, туку потребно е вакцинирање на граѓаните во многу поголем број.

– Веќе не се потребни рестриктивни мерки. Потребно е здравствените власти да се трудат да ја стимулираат вакцинацијата што повеќе. Иако, искрено, не верувам дека е можно значајно да се влијае на промената на нечиј став, ако некој решил да не се вакцинира. Останува оној другиот сегмент, како да се намали смртноста. По којзнае кој пат и во оваа прилика ќе апелирам да се донесат единствени протоколи или упатства за медицинско згрижување на болните од ковид-19, во форма на подзаконски акти. Тоа е законска обврска според Законот за здравствена заштита, член 27, став 1, според кој „здравствена дејност во здравствените установи задолжително се врши согласно стручните упатства за медицина заснована на докази“. Во поединечни случаи по оценка на докторот може да се отстапи од одредбите на одредено упатство, но само со писмено образложение за причините кое се приложува во медицинското досие на пациентот. Непочитувањето на ваквите упатства ќе значи и повлекување на кривична одговорност. Штом ги нема, нема ни одговорност. Можеби токму затоа слушам од колеги дека лекуваат според принципот „секој пациент е случај за себе“. Имаме ние такви упатства за сите области во медицината. Само во делот „инфектологија“ ги има 58, за различни заболувања. На пример, има за САРС, МЕРС… Сите се достапни на сајтот на Министерството за здравство. Само за ковид-19 не постои упатство согласно медицина базирана на докази – објаснува д-р Даниловски.

Поврзани содржини