ГЛУВЦИ СЕ ПОЈАВИЈА СЕКАДЕ, НЕ САМО ВО „ПЕЛАГОНИЈА“ Зацврстени се столбовите во горните катови на „Кузман“
Знаете каква беше состојбата во Скопје, глувци не се појавија само во студентските домови, туку и на други места. Со оглед на тоа што се случуваше, не можам да речам дека е добро, но e очекувано, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска со појавата на глувци во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје.
Одговарајќи на новинарски прашања пред свеченоста за 70 години од Бирото за развој на образованието, Јаневска посочи дека веднаш е направена дератизација. Taa се надева дека директорот на домот заедно со Градот ќе преземат уште нешто затоа што во близина на студентскиот дом се наоѓаат контејнерите каде што ѓубре оставаат и граѓани од околните згради.
– Се надевам дека овој проблем веќе е надминат. Во однос на останатото, имаме ново раководство од неколку месеци, запознаени сме со проблемите. Во овој момент сметам дека е релативно подобрена ситуацијата затоа што за разлика од претходниот период, кога студенти секојдневно пишуваа, се јавуваа и бараа, сега таа ситуација е потсмирена и се надевам дека со текот на време ќе ја доведеме да биде така како што треба – и со лифтовите и со сѐ друго – додаде Јаневска.
Министерката соопшти дека двата дома што се реконструираат во Скопје – „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ ќе почнат да примаат студенти од идната академска година. Активностите во „Кузман“ се пролонгирале од предвидената динамика поради потребата од дополнително зацврстување на конструкцијата на горните катови, важни за носивоста на објектот, за кои при реконструкцијата се увидело дека во градбата се разликуваат од долните катови.
– Затоа малку се позабави тој процес, но во моментот повторно е забрзана динамиката. Очекувавме да биде побрзо, но следната година двата дома сигурно ќе бидат пуштени во употреба – изјави Јаневска.
Во однос на повикот објавен денеска за ваучери за е-уреди наменет за студенти и проблемите што се појавиле при електронското апицирање на страницата на Министерството за дигитална трансформација, министерката одговори дека МОН не е надлежно за ваучерите туку тоа е проект на Генералниот секретаријат на Владата.
Таа објасни дека се чекало да завршат изборите за да биде објавен конкурсот и ги повика студентите да аплицираат за финансиска поддршка за електронски уред што самите ќе го изберат.
– Зошто паѓа системот на Министерството за дигитална трансформација, не би можела да кажам, тоа е прашање за министерот Стефан Андоновски – рече Јаневска.