Глувци по институции – некогаш живи, некогаш партиски
Со укинување на позицијата заменик директор, добиваме 10 милиона евра за 4 години и добиваме над 280 луѓе (возачи и секретарки) слободни за прераспределба да бидат ставени во функција за работење за државата, кои нема да бидат врзани за еден човек.
Не е прв пат да шетаат глувци по институции и да бидат снимени. Да плашат и иритираат народ или да ни покажуваат по не знам кој пат дека Македонија е доведена до пропаст и мора да почне да се вади. Последно, беше снимен жив глушец на Клиниката за кардиологија.
Шета батето како да е на цртан филм од „Том и Џери“ и за сите вработени е таму сосема нормално тоа. Том го нема на клиника да го снимат, најверојатно е вработен од ДУИ. Зошто е нормално?
Затоа што таму негде горе во Министерството или во управата на Клинички има некои поголеми партиски глувци кои не се оптоваруваат по никој основ да направат нешто наместо живи глувци да се шетаат по ходници и операциони сали, таму да шетаат најдобрите и најквалитетни млади доктори, на пример. Или, наместо да се кршат стари дотрајани кревети и да паѓаат пациенти од кревети и да нема кој да ги крене, да има новонабавени кревети и да има медицински вработен персонал насекаде, услужлив и онолку колку што е потребно. Нема, затоа што парите со кои требаше да се обезбеди тоа, ги украдоа, што во време на короната, што пред тоа, што после тоа со крими-сомнителни тендери и набавки.
На никого од партискиве глувци не им е гајле дали пропаѓа Клинички, дали пропаѓа здравствениот систем, дали пропаѓаат институции, дали државата иде во колапс, дали добро позиционирани и ситуирани луѓе се отселуваат поради лошиот систем, дали докториве се отселуваат после факултет или пак се примаат доктори и вработени по институции по партиски клуч. Во случајов во последниве 3 години повеќе од ДУИнг бизнис, помалку од СДСМ, но главно по партиски клуч и по списоци на власта.
Сепак, во неделата претседателот Мицкоски го даде решението за отпочнување на процес на враќање на институциите и државата на граѓаните и ставање во функција на распаднатиот систем кој одново ќе треба да го градиме. И да, сите го поддржуваме, затоа што само тоа е спасот, а верувам дека нема да го поддржат само оние партиски глувци на власта, кои само цицаат, преживуваат, а со ништо не придонесуваат за државата и за народот кој ги плаќа. Интересно е што морам да признам дека глушецот како животно е многу интелигентно и склоно кон прежувавање, а не кон стварање, односно склоно е кон адаптирање на средината во која функционира само за да преживее и да се избори со околината. Така е и со партискиве глувци.
Како ќе се почне со средување? Еве, како прв и еден од најдобрите проекти, да се стави крај на партиски пазари, вдомување на неуки кадри поради партија на платени функции итн., е укинувањето на позициите на заменици директори, намалувањето на бројност на членови по надзорни и управни одбори и намалување на пратеници од 120 на 90. Одличен старт за намалување на актуелниве партиски глувци кои 7 години живеат на грбот на народ, а никој не ги знае. На пример, замениците директори имаат возачи, имаат секретарки, имаат службени возила, имаат службени телефони од 1,500 евра годишно, имаат службени картици за репрезентации и патуваат на државен трошок.
Сега ќе направиме една груба калкулација за трошоците на заменициве директори. Во просек, можеби грешам нема да ми замерите, најмалку 140 заменици директори има во Република Македонија што живеат на државен трошок. Земаат во просек бруто плата најмалку 1.500 евра, имаат секретарки кои во просек бруто земаат плата 700 евра месечно, имаат возачи кои земаат плата бруто 700 евра месечно, трошат сигурно 300 евра месечно гориво и уште толку по ручеци и по патувања. Дневниците од патувања не им ги сметаме.
Трошокот, грубо за еден заменик директор, месечно по овие основи чини само 200.000 евра за плати и над 25.000 евра за гориво и ручеци, за секретарка и за возачи или вкупно замениците директори државата и народот ги чинат годишно 2,7 милиони евра или за 4 години над 10 милиони евра. Лудо, а непродуктивно, измислено само за задоволување партиски апетити и пазари.
Е сега со укинување на позицијата заменик директор, добиваме 10 милиона евра за 4 години и добиваме над 280 луѓе (возачи и секретарки) слободни за прераспределба да бидат ставени во функција за работење за државата, кои нема да бидат врзани за еден човек.
Намалување на управни и надзорни одбори, намалување на бројот на пратеници исто така грубо ќе се намали трошокот за околу 5 милиони евра.
Ете, многу едноставно како може со решавање на партиските глувци, да останат пари кои потоа ќе се инвестираат во многу нови работи кои пак ќе доведат до решавање на проблемот со живите „глувци“ по институциите. И ова не важи за сите кадри кои се на позиции, да не ми замерат дел од нив кои си ја вршат работата како што треба и се посветени. Ова важи за партиските глувци кои точно ќе се пронајдат, бидејќи совеста ќе ги наведе на тоа. Земаат плата, користат бенефити, а ништо не работат.
Само за сето ова, поддршката на избори ја бараме и треба да ја добиеме од секој еден здраворазумен гласач, кој не сака секој месец да плаќа на државата за да рани некој партиски глушец.