Глутница агресивни кучиња тероризираат жители во Ѓорче Петров

Стравуваме дека ќе искасаат некого, некое дете, вели Габриел, жител на оваа улица кој се јави во редакцијата на Плусинфо за да се пожали на овој проблем.

907

Жители на улицата Црногорска, која се наоѓа во близина на гробиштата во Ѓорче Петров, се жалат на глутница агресивни кучиња кои со месеци им влегувaат во дворовите и им ги уништуваат обувките и други материјални добра.

– Некој донел мали кутриња и ги оставил овде. Тие пораснаа на улица и станаа многу агресивни. Со месеци имаме страв од нив. Влегуваат по дворови и ни ги земаат чевлите, патиките… Еве веќе три пара патики ми искинаа. Секој месец треба да купувам патики. Се јавивме во Град Скопје за да побараме помош, но ни рекоа дека не функционира шинтерската служба. Стравуваме дека ќе искасаат некого, некое дете – вели Габриел, жител на оваа улица кој се јави во редакцијата на Плусинфо за да се пожали на овој проблем.






Тој вели дека бројот на уличните кучиња расте, зашто тие непречено се размножуваат.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска на прес-конференција рече дека стационарот за вдомување кучиња скитници со кој ќе раководи новото Јавно претпријатие „Лајка“, се очекува официјално да биде отворен наредната недела.

Тој истакна дека утре Агенцијата за храна и ветеринарство ќе направи контрола на објектот. Таа треба да даде документ за „Лајка“ да почне со работа.

– И халата каде што требаше да се спроведе струјата е завршена. Јас мислам дека ќе се создадат услови за вдомување на кучињата, но да не прејудицираме. Агенцијата за храна и ветеринарство нека си ја заврши својата работа. После тоа, очекувам да биде позитивно мислењето, да може да функционира – рече Шилегов.

 

Поврзани содржини